По иницијатива и ангажираност на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, отпочна важен институционален процес за зачувување на македонскиот рубин – геолошка реткост која се наоѓа исклучиво во Прилеп и Мариово и претставува единствен рубин во Европа кој природно се експлоатира и обработува, информираа попладнево од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
На средбата меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост, беа утврдени конкретни активности со цел да се обезбеди официјален статус на македонскиот рубин како заштитено државно минерално богатство.
„Геолошкиот завод ги запозна присутните со веќе изработената анализа за правната заштита, што ќе биде надополнета согласно новите податоци, а дополнително беше истакната и потребата од поширока институционална координација“, се наведува во соопштението на МЕРМС.
Се додава дека на состанокот присуствувал и „долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој ја пренесе историјата и значењето на секој примерок, изработен со овој исклучителен камен“.
Министерката Божиновска изјави дека македонскиот рубин, уникатен по својата генеза и карактеристики, заслужува институционална поддршка и признавање како национално богатство. „Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост“, потенцирала Божиновска.
Во соопштението се додава дека „рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розева боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура“. „Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално“.
„Покрај својата естетска и колекционерска вредност, тој претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост“, се нагласува во соопштението на МЕРМС.
бд/са/Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.