Голем интерес постои за финансиската поддршка за купување инвертер клима-уреди која ја дава Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
До 12-ти септември годинава, пристигнаа вкупно 3,954 барања во рамките на Програмата за заштита на ранливи корисници на енергија. Од нив, 2,375 барања се доставени од семејства со скромни приходи, а 1,579 од домаќинства каде единствениот приход е пензија.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги известува граѓаните дека сѐ уште постои можност за пријавување, а крајниот рок е до 5-ти октомври 2025 година. Граѓаните кои спаѓаат во загрозени категории и ги исполнуваат условите, можат да ги достават своите барања до овој датум.
Апликациите можат да се предадат преку архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или електронски преку официјалната веб-страница: www. energy. gov. mk. Министерството ги охрабрува сите граѓани кои ги исполнуваат критериумите да ја искористат оваа можност и да се пријават пред истекот на рокот.
Можат да конкурираат домаќинства со ниски примања, чиј вкупен нето месечен приход во 2024 година не надминувал: 25,000 денари за едночлено семејство, 31,000 денари за домаќинство со два члена, 37,000 денари за домаќинство со три члена, 43,000 денари за домаќинство со четири и повеќе членови. Исто така, можат да се пријават и домаќинства каде единствен извор на средства е пензија, а вкупниот нето месечен приход во 2024 година не бил повисок од 15,700 денари за едночлено домаќинство, 19,800 денари за домаќинство со два члена и 23,700 денари за домаќинство со три и повеќе членови. Секое лице може да поднесе само едно барање за едно семејство.
Правото на инвертер клима уред не можат да го остварат домаќинства кои во минатите пет години искористиле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучено централно греење.
– “За оваа мерка се издвоени 170 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за набавка и вградување на инвертер клима-уреди со моќност од 3,5 kW и енергетска класа А+, кои ќе се инсталираат директно во домовите на корисниците.”
– “Со оваа програма, Министерството ја потврдува својата посветеност на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија во земјата,” се наведува во соопштението.