Вкусен колач по рецепт на Елизабета Пешовска (my_little_kitchen_stories)
Десертот на Елизабета Пешовска е еден од оние колачи што ја исполнуваат кујната со мирис на дом и носталгија. Одличен е за со утринско кафе или попладневен чај, а во продолжение дознајте како да го приготвите…
Состојки:
- 3 јајца
- 150 г кафеав шеќер
- 1 лажица екстракт од ванила
- 120 мл масло
- 200 г грчки јогурт
- 220 г интегрално брашно (може и обично)
- 1 прашок за печиво
- рендана кора од 1 лимон
- 4-5 свежи смокви
- 1 лажица кафеав шеќер
- 1 лажица мед
Поврзани објави
Приготвување:
Во длабок сад изматете ги јајцата, шеќерот и ванилата. Матете неколку минути. Потоа додајте ги маслото, јогуртот и ренданата кора од лимон и кратко промешајте.
Постепено додавајте го брашното измешано со прашокот за печиво и мешајте додека добиете хомогена смеса.
Истурете го тестото во калап со дијаметар 24 цм и одозгора распоредете ги смоквите со пресечената страна нагоре. Посипете ги со кафеавиот шеќер и прелијте ги со малку мед.
Печете во загреана рерна на 180°Ц, 40-тина минути, додека колачот добие убава златна боја.
Ако имате убави, зрели и сочни смокви – искористете ги веднаш. Тие се главната ѕвезда на овој едноставен колач.