Васил Малиук, генералот и директор на Украинската безбедносна служба (СБУ), објави дека Кримскиот мост претставува оправдана цел.
“На територијата на нашата земја нема место за никакви нелегални руски објекти,” изјави Малиук.
Тој додаде: “Затоа, Кримскиот мост е апсолутно легитимна цел, особено имајќи предвид дека непријателот го користеше како логистичка артерија за снабдување на своите трупи.”
Претходно, СБУ објави дека утринава го нападнала мостот кој ги поврзува Русија и Крим со беспилотни летала. Според информациите, при нападот се употребени 1,100 килограми експлозив, предизвикувајќи штета на подводните столбови. Исто така, во текот на денот се слушна уште една детонација на Кримскиот мост.
Иако ниту Москва ниту Киев официјално не ја потврдија акцијата врз стратешкиот мост, Русија привремено го прекина цивилниот поморски сообраќај во водите близу Севастопол, на Крим.
Кримскиот мост, исто така познат како Керченски мост, беше подигнат по руската окупација на Крим во 2014 година и претставува клучна врска за набавки и транспорт за руските сили во окупираните региони на Украина. Мостот, чија вредност се проценува на четири милијарди долари, беше изграден како политички симбол за зацврстување на илегалната анексија на полуостровот од страна на Москва. Важно е да се напомене дека Кримскиот мост нема копнена врска со Русија.
Ова е трет напад врз мостот од почетокот на руската инвазија. Кримскиот мост претрпе значителна штета во два претходни украински напади во октомври 2022 година и јули 2023 година.
Украинскиот напад на Кримскиот мост се случи по вчерашната втора рунда мировни преговори меѓу Украина и Русија во Истанбул и два дена откако СБУ изврши голема тајна операција под кодно име „Пајакова мрежа“ при што со дронови нападна четири клучни руски военовоздухопловни бази: Белаја во Иркутската област, Олења во Мурманск, Дјагилев во Рјазан и Иваново во истоимената област.
Според извештаите, во нападите со беспилотни летала оштетени или уништени се над 40 руски воени авиони, вклучувајќи и бомбардери со голем дострел Ту-95 и Ту-22М3, како и авион за рано предупредување и надзор А-50.
Според информациите од СБУ, Русија претрпела загуби од седум милијарди долари во овие напади.
ми/фото: Икс
Извор: МИА