Table of Contents
Зад секоја голема животна приказна се крие момент што менува сè. За Маја Поцевска, тоа бил почетокот на едно патување исполнето со грижа, одговорност и човечка блискост, за кое досега не зборувала јавно. На Profemina 2026 таа првпат ја сподели приказната што со години ја чувала за себе.
Претпоследната приказна на Профемина 2026 започна емотивно. Маја Поцевска ја откри тајната што ја чувала 11 години, а разговорот го водеше професорката Татјана Алексиќ.
„Јас сум толку години пред камерите и никогаш не сум почувствувала трема, но денес почувствував. Никогаш не сум зборувала на оваа тема.“
„Имам две ќерки, една родена, една присвоена“
Маја Поцевска никогаш досега не почувствувала потреба да зборува на оваа тема јавно, бидејќи сакала да го заштити девојчето, и сметала дека таа информација треба да остане во кругот на семејството.
„Никогаш не сум размислувала за тоа да посвојам дете, бидејќи станав самохран родител кога Јана имаше 8 години. Тоа воопшто не е едноставно, но мене никогаш не ми било товар, бидејќи сметам дека децата повеќе ти даваат енергија одошто ти ја земаат. Рени, Рената е мојата втора ќерка и сосема случајно влезе во нашиот живот, прво како другарка на Јана, но по некое време почна често да преспива кај нас. Мене тоа ми беше чудно. Јана ми објасни дека родителите поминуваат низ тежок развод и ме замоли да не ја прашувам за тоа.“
По некое време Маја забележала дека девојчето почнува да се повлекува и да тоне во депресија.
„Една ноќ имаше кошмар и вресна ‘Мамо, Маја’. Веднаш потоа ја седнав да разговараме. Рени ми сподели дека татко и’ воопшто не разговарал со неа, откако се налутил што ја зазела страната на мајка и’ и дека тој се грижел само за другите деца, додека неа ја замерувал. Мајка и’ пак имала нов партнер и работела ноќни смени, поради што Рени останувала да преспива кај нас. Притоа, не и’ давале пари ниту прашувале за неа, туку ќерка ми Јана и’ била целосна поддршка. Јас ја прашав: ‘Добро, што правиме сега’, а таа изрази желба да остане кај нас. Во тој период јас не бев вработена, но воопшто не размислував дали да ја примам кај нас, само се загрижив дали родителите еден ден ќе ја побараат. Таа ми одговори дека не верува дека родителите ќе ја побараат. Веднаш и’ дадов клуч и и’ кажав дека овој дом е и нејзин, а остатокот од моето семејство брзо ја прифатија.“
Рени тогаш имала 15 години и брзо се вклопила во новото семејство. Почнале да прават работи заедно, да одат на литургија, отворено да разговараат и да функционираат како вистинско семејство. Маја откри дека Рени била прекрасно дете и дека немале никакви проблеми, единствено, и таа и Јана морале да го почитуваат следново правило: да не носат дома единици и да немаат пороци.
Притоа, Маја не побарала да се откаже од своите родители и јасно и’ ставила до знаење дека во секое време може да се врати кај своите родители доколку посака.
Поврзани објави
„Дали родителите ја побараа“, праша модераторката Татјана, на што Маја одговори негативно. Родителите не прашале за неа, ниту се понудиле да помогнат финансиски.
„Од депресивна стана ведра личност, со многу интелигентна смисла за хумор. За мене тоа беше најголемата среќа, што и’ ја вратив волјата за живот и што успеав да израснам две здрави девојки. Со текот на времето станував се’ посреќна што добив гратис дете! Почетната жртва ми се врати многу позитивно.“
„Татко и’ , сепак, ја побара да се врати“
Маја откри дека пред една година татко и’ ја побарал да се врати, но Рени не сакала иако Маја ја охрабрила да го стори тоа доколку сака.
„Меѓу нас многу спонтано се создаде близина. Мислам дека секогаш треба да си го отвораме срцето, дури и кога мислиме дека немаме услови за тоа. Љубовта секогаш ќе ни се врати. Се чувствувам многу богато, особено откако добив и внука од Јана. Таа е многу поврзана со тетка и’, цело време се заедно. Сите три се многу поврзани, како да се и биолошки поврзани.“
Мајката на Рени создала ново семејство и има нови три деца, додека брат и’ на Рени живеел со татко и’ и како што вели Маја, секој си го нашол својот пат. Рени не го доживува тоа како траума, туку како нешто позитивно, бидејќи си нашла семејство каде што се чувствува прифатено и сакано.
„Дури и се шегува на таа тема! Многу ми е драго што целото искуство не и’ остави траума и страв од напуштање. Многу се плашев од тоа, но таа сега е ведра и духовита личност!“, откри Маја.
„Никогаш не сум сакала да го споделам ова во медиуми“
Маја призна дека никогаш немала намера да профитира од оваа приказна и да ја експонира по медиуми, но настанот „Профемина“ ја мотивирал да ја сподели, со цел да ги инспирира и другите да не се двоумат дали да направат добро дело.
Ова не е само приказна за еден необичен животен пат. Таа отвора и пошироки прашања за грижата, емпатијата и значењето на поддршката што можеме да му ја дадеме на друг човек. За сите оние моменти кога постапките зборуваат погласно од зборовите и кога вистинската поврзаност се покажува низ годините, а не низ големите ветувања.