Во текот на седуммесечниот период (јануари – јули 2025 година), заработката од туристите достигна 12,2 милијарди евра. Во споредба со истиот период во 2024 година, влезот на странски патници е зголемен за 2,6 проценти, а поврзаните приходи за 12,5 отсто, што претставува невиден успех. Ова го изјави портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, како што извести дописникот на МИА од Атина.
Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, ги пренесе податоците од Банката на Грција, според кои, за седум месеци државата ја посетиле 18,5 милиони туристи, за разлика од речиси 18 милиони претходната година.
Прес секретарот на грчката Влада истакна дека само во јули приходите од туристите достигнале „рекордно високо ниво од над 4,5 милијарди евра“, а во однос на истиот месец од минатата година, „пристигнувањата на туристи се зголемија за 6,4 отсто и приходите за 15 проценти“.
„Отпорноста и динамиката на грчкиот туризам, во особено нестабилна меѓународна средина, полна со геополитички и економски предизвици, го прави конкретниот сектор одлучувачки двигател на растот“, подвлече Маринакис.
Минатата година беше запаметена како рекордна за туризмот во Грција, со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.
ср/ми/Фото: Архива МИА
Извор: МИА