Каква политика е потребна на Македонија кон Србија?
Резолуцијата на ОН е насочена против српскиот народ, ќе речат Вучиќ и Дачиќ. Токму обратното. Меѓународниот суд за воените злосторства во Југославија воспоставен вo 1995, преку долгогодишна макотрпна работа, ги осуди виновниците и така го отвори патот кон помирување меѓу Србите и Бошњаците. Но, тоа е патот кој води до консолидација на Босна и Херцеговина како функционална држава. Тоа би бил пораз на идејата за прекројување на границите со цел создавање Голема Србија, главната причина за етничките војни од деведесеттите. Војните кои почнаа со паролата „Сите Срби во една држава“ идејата водилка на партиите на Шешељ и на Милошевиќ. Нивни членови тогаш беа младите Вучиќ и Дачиќ. Притиснатаи од меѓународните околности и домашните либерали во парламентот, низ годините, без многу ентузијазам, овие двајца политичари еволуираа во протагонисти на мирни решенија на Балканот и членство на Србија во ЕУ.
Но, „славното“ минато од нивната младост не е заборавено. Оттаму и жестокиот отпор на конзервативно-националистичката власт, како што е наречена на Запад, кон резолуцијата за Сребреница. Резолуција која, во заедничка декларација, деновиве ја поддржаа невладините организации во Србија. Претставниците на една друга Србија, знаат, како што некни ќе соопштат од ЕУ, дека „емпатијата и ценењето на страдањата на сите жртви“ е почетната точка на вистинското помирување.
Лично ако ме прашате, не само што би ја спонзорирал туку би ја напишал таа реозлуција. Но, кој е државниот интерес на Македонија? Нашиот државен интерес е добри односи со Србија, како, впрочем, и со сите наши соседи. Како мала држава потребна ни е сета поддршка што можеме да ја добиеме. Особено од соседите. Одлични односи со сите соседи, треба да биде целта на нашата надворешна политика.
Зашто, законите на политичката физика на Балканот не се поништени со создавањето на ЕУ. Тие закони изразени во еден единствен збор делуваат и денес. Зборот е: интерес. Србија не помага и има симпатии за нас Македонците затоа што тоа е во нивен интерес визави Бугарија. Бугарија се гордее со фактот дека нè признала прва, ама тоа е во нејзин државен интерес визави Србија. Грција ја го признава македонскиот јазик и нација зашто е тоа во нејзин државен интерес визави Бугарија.
Изложени на вкрстени влијанија, нашиот интерес е да опстанеме како држава и како македонска нација.
Затоа, кажувајќи ја вистината за Сребреница, потпишувајќи ја резолуцијата во ОН, не мораме со спонзорство да му брцаме со прстот во окото на соседот. Во наш државен интерес е, не отстапувајќи од вистината за геноцидот во Сребреница, трпеливо да го исчекаме времето на емпатија со страдањата на жртвите кое го носи новата генерација Срби. Пишувам за недостиг на сентимент, нешто многу подлабоко од дневната политика. Сентимент, човечност, која толку му недостасува на Балканот во односите меѓу народите. Ако мислите дека сите ние во Македонија сме исклучок, се лажете.