Почетна ЕкономијаМакедонското рударство продолжува да тоне иако на располагање има големи инвестиции како за ископот на бакар во Иловица

Македонското рударство продолжува да тоне иако на располагање има големи инвестиции како за ископот на бакар во Иловица

од nenad
2 минути читај за

Индустриското производство расте, но македонското рударство останува во слободен пад. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека индустриското производство во јуни 2026 година е зголемено за 6,5% во однос на јуни 2025 година, но сепак продолжува надолниот тренд во рударската гранка.

„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јуни 2026 година, во однос на јуни 2025 година, бележи опаѓање од 3,8%“, се наведува во последните статистики од Државниот завод.

Долг период рударството во Македонија нема забележано значителен раст, а четирите металични рудници кои функционираат полека ги исцрпуваат своите капацитети. Од друга страна, повеќе од 40 години се нема реализирано ниту една голема инвестиција во оваа гранка, а во моментов единствена сериозна најава има за проектот за рудник за бакар во Иловица.

Според инвеститорот, компанијата „Еуромакс ресоурес“, нивната почетна инвестиција би изнесувала 340 милиони евра, што би довело до зголемување на БДП за 3% на годишно ниво. Во меѓувреме, државните власти преку измена на Тарифникот во 2025 година, ги поскапеа концесиите за ископ на металични суровини, па иако инвеститорот првично најави просечен извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво, се очекува оваа сума да биде многу повисока.

Претходно повеќе експерти поддржаа развој на одржливо рударство преку користење на современи технологии кои се во насока на поголема заштита на животната средина. Дел од нив во јавноста се осврнаа и на економските придобивки кои можат да ги имаат граѓаните и државата.

„Државата го гледа и економскиот аспект. За буџетот… кога за одреден метал има побарувачка, цената ќе расте и понатаму. Сигурно нема да остане на овие цени што ги има во моментов. Буџетот, како на државата, така и на локалната заедница ќе биде дополнет, ќе ома нови вработувања… Покрај рударството и металургијата, тука ќе бидат вклучени и други сектори коишто се потребни. Ќе се троши електрична енергија, потребен е транспорт, ќе биде потребно да се изврши модернизирање на целата транспортна инфраструктура, што сето тоа се сведува на инвеститорот којшто ќе треба ова да го направи“, нагласи претходно универзитетскиот професор и претседател на Здружението на металурзи, Горан Начевски во изјава за Сител ТВ.

Експертите потенцираат дека големи придобивки, покрај за државниот буџет, ќе има и за локалните самоуправи, со оглед на законските одредби кои предвидуваат 78% од сумата наплатена за концесиски надомест да се влеваат директно во општинските буџети. Во случајот со проектот за рудник за бакар во Иловица, огромен бенефит ќе имаат општините Ново Село и Босилово, кои на распологање ќе имаат многу поголеми финансиски средства за реализација на инвестиции од областа на инфраструктурата, образованието, здравството, земјоделието и друго.