Што мислат мажите за жените? Дали навистина ги разбираат нивните желби, потреби и очекувања? И колку се разликуваат машката и женската перспектива кога станува збор за љубовта, партнерството и секојдневниот живот?
Што сакаат жените и како нивните желби и очекувања изгледаат низ машките очи? Дали мажите и жените навистина се разбираат или понекогаш зборуваат на различни јазици кога станува збор за љубовта, партнерството и секојдневните односи?
Овие прашања беа во фокусот на разговорот „Што сакаат жените – низ призмата на мажите“, кој се одржа на Profemina 2026. Четворица мажи со различни професии и животни искуства ги споделија своите размислувања, лични приказни и перспективи за жените и односите, отворајќи простор за искрен разговор за очекувањата, меѓусебното разбирање и она што нè поврзува, но и нè прави различни.
Во разговорот учествуваа Трифун Костовски, бизнисмен, Тоше Зафиров, шампион во бодибилдинг, Стефан Николовски, актер, и Бобан Симоновски, професионален готвач, а модераторка беше Татјана Пуленџовска.
„Мажот и жените имаат различности, но еден без друг не можат“ – Трифун Костовски
Трифун Костовски откри дека не му се допаѓа тоа што жената отсекогаш била потценета во светот на мажите.
„Жените имаат толку многу улоги во животот, што на нас мажите ни треба време за да ги разбереме“, искрено зборуваше актерот Стефан Николовски.
Тоше Зафиров понуди вреден совет за сите мажи:
„Жената е мистерија додека не почнеме искрено да разговараме со неа. Ние мажите имаме големо его и мислиме дека се’ мора да биде по наше. И јас сум бил таков, но кога почнав повеќе да ја слушам мојата сопруга Габриела и поотворено да разговарам со неа, почнав и повеќе да ја разбирам“, сподели Тоше Зафиров.
Што им е најважно на жените при изборот на партнер?
„Жената е физички послаба од мажот и во основа, таа бара заштита. Ние мора да ја чуваме бидејќи жената е таа што го создава светот. Жената секогаш ќе биде симбол пред кој јас ќе се поклонувам“, кажа Трифун, по што публиката го поздрави со аплауз.
„Мажот треба да биде алфа само кога тоа и’ треба на жената, а не цело време. Кога жената ќе ја препознае таа карактеристика кај некој маж, токму тој ќе го одбере за сопатник“, сподели Стефан Николовски.
Тоше Зафиров сподели како било меѓу него и Габриела.
„Денес младите бараат совршенство. Бараат веднаш од партнерот да има убав автомобил, да одат на убави одмори, да изгледа убаво. Јас кога се земав со Габриела, немав ништо. Ајде, можеби само изгледав малку убаво. Се’ што стекнав, стекнав со нејзина поддршка и заедно стигнавме до одредено ниво, кога таа се гордее со мене и јас со неа“.
Трифун Костовски призна дека првпат се вљубил на позрели години и дека сега конечно нашол вистинска партнерка покрај себе.
„Маж сум, и не ми е срам да кажам дека имам навистина прекрасна сопруга, која ми е поддршка во сите тешки моменти. Додека не ја запознав Јасна, не бев свесен дека може да постои таква поврзаност меѓу маж и жена. Ние сме веќе 15 години заедно и секој ден се’ повеќе и повеќе учиме еден за друг. Секој човек на светот мора да има силен партнер покрај себе, за да успеат заедно по патот кон целта. Љубовта е најдлабокото нешто што може да се почувствува.“
Стефан Николовски се пошегува дека кога жена ќе му каже „ништо не ми е, остави ме“, се’ запира, и театарот и бизнисот, и целиот фокус се пренасочува кон неа, по што откри дека љубов пронашол рано и дека е среќен поради тоа што добива вистинска поддршка од својата партнерка.
Поврзани објави
„Како професионален готвач, имам многу динамичен живот. Кога партнерката ќе ми каже ‘ништо не ми е’, веднаш ми се вклучува аларм во главата, и тогаш таа ми е најголемиот приоритет. На жените лесно им поминува, само треба да бидеме трпеливи и да им дадеме до знаење дека секогаш ќе бидеме тука за нив“, се надоврза Бобан Симоновски.
Што е поголем проблем: љубомората или рамнодушноста?
Трифун Костовски:
„Сум бил љубоморен во животот, но на оваа возраст и со ова искуство не сум љубоморен. Во секој миг ја чувствувам љубовта и немам простор кога да бидам љубоморен.“
Стефан Николовски:
„Мислам дека љубомората е дел од љубовта, но во граници на нормалата, тогаш тоа е знак на здрав однос. Кога воопшто нема љубомора, се појавува чувство дека нешто не е како што треба.“
Тоше Зафиров:
„Нормално дека сум љубоморен. Ако сум рамнодушен кон Габриела, тоа значи дека не ја сакам и не се грижам за неа. Единствено не сум љубоморен кога ќе си легнеме навечер и ќе се фатиме за рака и знам дека е до мене.“
И Бобан Симоновски се согласи дека дозираната љубомора е знак на љубов.
Потоа, четворицата мажи открија што им е најпривлечно кај нивната партнерка, а не е поврзано со физичкиот изглед и дали на мажите им пречи кога жената е поуспешна од нив.
Татјана Пуленџовска ја заокружи панел-дискусијата со „пикантно“ прашање, поврзано со неверство.
„Во мојот случај, неверство не постои“, кратко и јасно одговори Трифун Костовски.
Стефан Николовски:
„Морам да признам дека на почетокот кога станав популарен и кога бев помлад, бев изложен на искушенија. Но сфатив дека ако мојата партнерка не беше тука, ништо немаше да постигнам од таа популарност. Не треба да се руши нешто што се градело толку години и што вреди.“
Тоше Зафиров:
„Од кога ќе станеме наутро, па до вечер, јас и Габи си посветуваме внимание, дали преку пораки, дали ќе и’ испратам цвеќе, дали ќе одиме во вежбалница заедно, ќе си легнеме заедно… Така што, јас воопшто немам време и простор да помислам или да се посомневам на неверство.“
Бобан Симоновски:
„Треба да размислиме што ќе изгубиме ако направиме таква грешка и да се запрашаме како би ни било нам, ако другата страна ни го направи истото.“
За крај, господата ги поздравија присутните дами и им порачаа на жените дека секогаш биле и ќе останат најголемото богатство во светот.