Почетна Убавина и здравјеЛуна парк, касети, ќебапчиња и игри до доцна во маалото – Убавина и здравје

Луна парк, касети, ќебапчиња и игри до доцна во маалото – Убавина и здравје

од nenad
2 минути читај за

Денис Јанкуловски со една носталгична објава врати спомени од детството – денови исполнети со Луна парк, Југотон, Старата чаршија и игри што траеле до вечер.

Денис Јанкуловски, на јавноста познат како Космонаутко, ги врати своите следбеници во едно поинакво Скопје. Во носталгична објава тој се присети на саботите од детството, кога еден обичен слободен ден можел да стане вистинска мала авантура.

„Сабота, убав ден. Како мал саботите ги чекав со големо нетрпение. За доручек лепче намачкано со Кристал маргарин, парче сирење и неколку маслинки и чаша јогурт. Млеко не пиев, а не пијам ни до ден-денес, ваљда некоја интолеранција е, еднаш се напив и од врата до лифт ѕрцките ми излегоа.

Спремен, облечен, цупкам во место.

– Ќе одиме, ајде, спремен сум?

– Чекај уште малку, 10 нека дојде, нема никој уште на шалтерот.

Аман бе, па и тие, кога ќе дојдат, си мислам во себе.

Седнувам позади во стокецот и со тате шибаме во Луна парк. Трчам накај шалтерот и уште татко ми не стигнал, а јас на цел глас:

– Блок карти за сегде!!!!

Тетката која веќе ме знае со насмевка ми врати:

– Да, да, сегде, а од тие 8 на ракетите ќе ги потрошиш, после татко ти пак ќе купува, хахаха.

Луна паркот… уживанција. Прво трчам на возот да го фатам првиот вагон позади машиновозачот, оној што беше на стоење, а јас таму горд како некој капетан. Оттаму на количките за удирање, во формулата и на коњот на рингишпилот, евентуално на големото тркало и после со најголемо уживање на ракетите. Горе-долу, горе кон ѕвездите, долу по гориво, па пак горе кон ѕвездите, па пак долу по гориво и така многупати.

На излегување задолжителен Снежец откај скаличките, прошетка низ паркот. За мене Снежец, или ваков тип на сладолед е СЛАДОЛЕД.

– Колку е саат?

– 12.

– Отворено е во Југотон?

– Да, одиме таму, ајде. Сакаш во трговски или кај кино Вардар?

– Кај кино Вардар, ако нема таму тука е одма Фотоцентар.

Југотон, мојот рај за музика. Мислам дека да ме оставаа таму цел ден можев да седам. Првата касета со OTTAWAN и Hands up / D.I.S.C.O., омилената плоча Dozivjeti stotu со разни изведувачи, а натаму секоја сабота касета, плоча, па после и празни TDK, BASF, MAXELL.

Оттаму преку Камени одевме во Стара чаршија, прво да се види татко ми со Мирко Алкапоне клучарот (така го викаше) и на ред доаѓаше најомилениот дел од денот.

Ќебапчиња во ‘Кај сердарот’. 10-ка без кромид во оние сиви метални овални со малку кромид, сол и буковец, кока-кола и лепиња. Уф, уште ми стои вкусот, незаборавен.

На враќање си купував најнајнајубава принцес-крофна од Ванила во втора кула, попладнето жмурки, брканица, фудбал, здрвен дедо, јанино јанино, долга магарица, камај во маало. Вечерта Мечето Ушко. Сабота, убав ден. Секоја сабота ми беше празник“, напиша Јанкуловски.

Screenshot