Денес во Скопје ќе се одржи самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, посветен на Планот за развој. Овој самит ќе послужи како можност за процена на постигнатиот прогрес и утврдување на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.
На самитот, чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, ќе присуствуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, како и лидерите од Западен Балкан, министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции.
Во склоп на лидерската средба ќе бидат организирани два панели. Првиот панел ќе биде посветен на Планот за развој на Западен Балкан, на кој ќе говорат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција. Вториот панел ќе биде насочен кон конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за развој.
Премиерот Мицкоски вчера во Владата оствари средба со еврокомесарката за проширување Кос, при што ја потенцираше посветеноста на Владата за интеграција во ЕУ, со достоинство и преку спроведување на суштински реформи во клучните области. “На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции. Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација,” напиша Мицкоски на неговиот официјален фејсбук профил.
Еврокомесарката Кос, посочува тој во објавата, ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за прогресот на регионот на европскиот пат. Премиерот потенцираше дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.
Мицкоски синоќа во Скопје ги пречека и лидерите од регионот кои ќе партиципираат на самитот. “Имав чест да сум домаќин на лидерите на државите од Западен Балкан и ЕУ. Скопје е домаќин на важен настан, и оваа прилика ја користиме за лобирање за македонските интереси и политики,” објави на фејсбук профилот премиерот Мицкоски.
На Меѓународниот аеродром во Скопје, Кос беше пречекана од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, кој оцени дека евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. “Н состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија,” објави Муцунски на неговиот официјален фејсбук профил.
Еврокомесарката за проширување вчера, во пресрет на официјалниот почеток на Самитот на лидерите од Западен Балкан, оствари средба и со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани. Во разговорите, како што информираа од МЕП, Муртезани ги истакна резултатите кои земјата досега ги постигна во спроведувањето на Планот за развој, кој е главна тема на Самитот, како и Реформската агенда 2024-2027. “Еврокомесарката Кос ги поздрави посветеноста и реформските напори на Владата, посебно во делот на успешно реализираните реформи, новоусвоените закони и динамиката на спроведување на приоритетните мерки во повеќе клучни сектори како што се: управување, енергетика, зелена транзиција, дигитализација, развој на човечкиот капитал, бизнис климата и владеење на правото. Комесарката ја охрабри Владата да продолжи со оваа динамика на реформи, истовремено укажувајќи на важноста од искористување на актуелниот момент за натамошен напредок и надминување на преостанатите предизвици,” се наведува во соопштението.
Посетата на еврокомесарката за проширување на земјава минатата недела ја најави Европската комисија, која соопшти дека Кос доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека, покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.
Поради одржувањето на лидерската средба, овие два дена во Скопје ќе биде воведен специјален сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.