Оваа изјава на легендарниот американски актер, пејач и танчар не е само духовита, туку и длабоко инспиративна
Дик Ван Дајк, кој стана синоним за енергија, оптимизам и виталност, ни во десеттата деценија од животот не се откажува од движењето, дисциплината и духот кои го воделе низ целиот живот. Неговите зборови сведочат за тоа дека годините не се пречка, туку само уште еден предизвик.
„Во 30-тите вежбав за да бидам згоден. Во 50-тите за да останам силен. Во 70-тите за да не бидам закован за кревет. Во 80-тите за да можам да функционирам без помош. А сега, на 99 години, вежбам од чист пркос“, кажал Дик Ван Дајк.
Поврзани објави
Во младоста вежбањето е средство за да се постигне физичка привлечност, нешто што им е важно на многумина во 30-тите. Подоцна, се раѓа свеста дека здравјето и силата не се вечни – мора да се негуваат. Седумдесеттите години носат страв од немоќ, 80-тите борба за самостојност, а 90-тите – силна волја да не се потклекне пред очекувањата на другите.
Дик Ван Дајк денес вежба од пркос. Пркос на времето, стереотипите и стареењето. Тој ѝ пркоси на идејата дека староста мора да биде слабост. Наместо тоа, покажува дека може да биде и доказ за силата на духот.
Неговиот пример нека ни послужи како потсетник дека не е важно колку години имаме, туку каков став имаме кон животот. А тој кон животот се поставува гордо исправено, со насмевка – и во движење.
ФОТО: Инстаграм