Уставниот суд денес не поведе постапка по иницијативата на Левица за одредбите од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање. Одлуката е донесена со мнозинство гласови, со образложение дека за истото прашање Судот веќе одлучувал. Дел од уставните судии издвоиле спротивни мислења.
Од Левица реагираат дека актуелната состојба не е идентична со онаа од 2023 година, кога Уставниот суд претходно се произнесувал за ова прашање. Партијата посочува дека во 2025 година постоела парламентарна партија со пратеничка група која немала пристап до платеното политичко рекламирање.
Според Левица, за проблемот претходно укажале и повеќе институции. ДИК, АВМУ, ДКСК и ДЗР во 2025 година го информирале Собранието за недостатоците во Изборниот законик, додека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација била вклучена како amicus curiae. Прашањето на еднаквите услови за политичко учество било нотирано и во извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и IFES.
Од партијата сметаат дека со денешната одлука Судот пропуштил да ја разгледа променетата фактичка состојба и повторно го отвораат прашањето за начинот на кој функционира уставно-судската заштита.
Левица најавува дека ќе продолжи да го отвора прашањето за еднакви услови за политички натпревар и пристапот до платено политичко рекламирање.