Почетна ЕкономијаЛапид: Трамповиот план за крај на војната во Газа не е совршен, но е најдобра опција

Лапид: Трамповиот план за крај на војната во Газа не е совршен, но е најдобра опција

од nenad
2 минути читај за

Опозициониот лидер во Израел, Јаир Лапид, денеска рече дека стратегијата на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на конфликтот во Газа не е беспрекорна, но е најдобрата алтернатива што постои.

Лапид тврди дека стратегијата е речиси идентична со онаа што ја презентираше пред една година на средбите со главните чинители, изразувајќи незадоволство поради доцнењето во прифаќањето на идејата, пренесува „Тајмс оф Израел“.

“Израел изгуби една година во која неговите војници и заложници загинаа”, рече Лапид, нагласувајќи дека во тој период меѓународниот углед на Израел се влошуваше, а времето истекуваше.

Лапид го претстави планот на Трамп како единствена изводлива опција. “И додека има проблеми со американскиот предлог, искуството од Авраамовите договори покажува дека методот на американскиот претседател Доналд Трамп функционира: поставете голема цел, направете временска рамка и разработете ги деталите во лет”, рече тој.

“Според планот на Трамп, Израел би ги вратил заложниците, би се повлекол од Газа, а воедно би ја зачувал својата безбедност и би ги проширил Аврамските договори, што се јасни израелски интереси”, додаде лидерот на израелската опозиција.

Според Лапид, најголемата опасност за предлогот не се оние кои целосно би го отфрлиле, туку оние кои велат „да, но“, а таков став му припиша на Нетанјаху, кој вчера го поддржа планот од Белата куќа. “Тој обично вели „да“ во Вашингтон, кога стои пред камерите во Белата куќа и се чувствува како визионерски државник, и „но“ кога се враќа во Израел и „базата“ го потсетува кој е шефот”, потенцираше Лапид.

Според него, идејата за анексија на Газа била апсурдна од почеток, а овој план го штити Израел не само од разорна политичка и безбедносна состојба, туку и од опасноста да биде вовлечен во улогата на заостаната и огорчена Спарта, осиромашена и изолирана во светот. “Мораме да кажеме „да“ на планот без „но“ и да работиме на негово непосредно спроведување и покрај сите пречки”, заклучи Лапид.

Предлогот на Трамп, поддржан од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, бара итен прекин на огнот во Газа, постепено повлекување на израелската армија, целосно ослободување на заложниците во замена за ослободување на стотици палестински затвореници и хуманитарна помош преку Обединетите нации.

Предлогот предвидува комплетно разоружување на Хамас, кој би бил исклучен од управувањето со Газа, како и воспоставување преодна влада составена од палестински технократи и меѓународни експерти, под надзор на таканаречениот „Мировен комитет“ со кој претседава Трамп, а во кој би учествувал поранешниот британски премиер Тони Блер.

сд/фото:МИА архива.

Извор: МИА