Кремљ денес го потврди планот за долгоочекуваната средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска. Разговорите се закажани да започнат во петок околу 11:30 часот по локално време (21:30 по македонско време).
Војната на Русија против Украина ќе биде централна точка на агендата, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков. По завршувањето на консултациите, Трамп и Путин ќе одржат заедничка прес-конференција.
Руската делегација, предводена од Ушаков, ќе ги вклучи министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белоусов, министерот за финансии Антон Силуанов и Кирил Дмитриев, клучниот преговарач на Кремљ за САД.
Состанокот ќе се одржи во воената база Елмендорф-Ричардсон во Анкориџ, најголемиот град во Алјаска.
Ова ќе биде прва средба лице в лице меѓу Трамп и Путин откако Трамп ја презеде должноста во јануари и откако Путин ја започна комплетната инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите европски партнери со немир го очекуваат резултатот од состанокот, поради стравувањата дека дискусиите би можеле да резултираат со договор за територијални отстапки за Русија, што Киев остро го одбива.
ссм/фото: архива.
Извор: МИА