Почитувани,
ПР експертот и основач на Пи Ворлд Коста Петров викендов е предавач на
последниот модул „Принципи на феминистичко лидерство и јавност“ од
програмата „Future is Feminist“.
Петров, во своето излагање потенцираше дека една жена сама не може да
направи општествена промена, туку потребно е жените да се поврзат
меѓусебе, да се бодрат и да бидат поддршка една на друга. Тој истакна
дека комуникацијата е најважна за било која професија, особено за
девојките и жените што сакаат да ги зајакнат своите лидерски
способности, да основаат сопствен бизнис или да се активираат во
политиката.
Во делот на комуникацијата со јавноста, Петров информираше дека првите
8 секунди се клучни за привлекување на вниманието без разлика дали
станува збор за видео, соопштение или ПР текст. Денеска, јавноста го
чита само насловот и првиот пасус од текстот, и доколку од самиот
старт не се заинтересира јавноста за вашата приказна тогаш содржината
ќе остане само на веб-страницата на организацијата и компанијата.
На модулот, тој презентираше студија на случај за историскиот успех на
Евровизија кадешто Северна Македонија во 2019 година го освои второто
место. Петров истакна дека многу е важно да се активираат вистинските
луѓе коишто веруваат во вашата идеја и визија. Петров посочи дека програмата „Future is Feminist“ ги учи девојките како да ги усовршат своите вештини во застапување и активизам со цел
создавање позитивна и трајна промена на подобро.
„Феминистичкото движење е моќна сила за напредок, која се бори за
поголема родова еднаквост во сите аспекти на животот и настојува да ги
предизвика и промени системските бариери кои ги спречуваат жените да
напредуваат во општеството“, рече Петров.„Future is Feminist“ е во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој СИГА.