Почетна Убавина и здравјеКомшиите во Македонија не се поздравуваат, ама во странство не се одминуваат – Убавина и здравје

Комшиите во Македонија не се поздравуваат, ама во странство не се одминуваат – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

И таман ќе си речам немам инспирација за нова колумна, само ќе се сетам на нашиот менталитет и како со молскавична брзина прстите сами да почнуваат да играат по тестатурата. Тестатура која роди бројни погледи на случувањата на релација провинција – метропола, а сега дојде ред и за нашинците преку граница.

Летото и летните авантури на современите печалбари поодамна завршија, ама затоа почна сезоната на патриотски здружувања во банкет сали и помали угостителски објекти. Цело лето во Македонија се сончаа, поправаа заби и се фалеа и чаталеа како газдата ги засакал, па и дека купиле коли. Оние кои веќе се снашле обезбедиле и простор за живеачка. Арно ама додека тоа ни го кажуваа на оние малкумина кои го најдовме местото под Сонцето и во родната земја ги игнорираа оние со кои делат неколку метри квадратни во странство. Пред нив не можат да се величат, си се знаат кој каков е и таму.

Не може, а без трага да помине фактот што додека двајца соседи мирно си живеат та во провинцијата, та во метрополата со години не се поздравуваат. Не дека имаат некоја посебна причина, туку така, едноставно ја продолжуваат традицијата на македонски менталитет, па слободно би категоризирал и балкански. Како може комшијата преку две куќи да е поуспешен и подобар? Арно ама истите тие двајца поради Х причини ќе ги спакуваат куферите и ќе отпатуваат во некоја, од како што ги нарекуваат, развиените држави. И таман ќе се прикотват сфаќаат дека не можат да направат ни чекор подалеку со странците, заработката мала за тамошниот стандард, јазикот сосема непознат… Ќе си се најдат двајцата комшии со уште неколкумина нашинци заминати таму пред некое време и ќе си почнат по свој терк.

Во една соба ќе се сместат пет-шест мажи од сите генерации, ќе си мачкаат мајонез и нарезак на бел леб и така ќе си штедат. Понекогаш ќе купат некое кило месо па ќе разврат скара во некој парк и ќе произведат толку многу фотографии за социјалните мрежи што некои ќе ги прикачат и по два пати. Ќе почнат меѓу себе да си коментираат колку им е убаво и дека еднаш се живее, не сфаќајќи дека секој ден се живее… За циркусот да биде поголем во лавината коментари ќе се приклучат и оние кои ги испратија во туѓина, жените, децата, роднините и по некој пријател, истиот оној кој се радува на лименка пиво која ќе му ја донесат од странство.


Поврзани објави

Оние кои веќе со години пуштиле корен надвор од Македонија, а не научиле ниту еден странски збор ги повлекуваат и семејствата. Ја напуштаат онаа мала визба и се простуваат од цимерите за да почнат да живеат фамилијарно. Кога како птици преселници се враќаат во странство, од Македонија ги полат багажите со разно разни зимници и уште што ли не, демек таму нема домашно. Некои пак тврдат дека таму горе им недостига македонскиот ајвар, пиперка, сирење… Истите тие јас и сите оние македонски провинцијалци би ги прашале, па нели ви беше преку глава од Македонија зошто ви фали нешто од што сте бегале.

Но носталгијата за Македонија не можат, а да не ја заокружат со општонародна веселба. Ќе се соберат 300 души, ќе наредат по некоја компири и зелка салата како порано што се правеле свадбите и ќе ја почнат фештата. Некој македонски пејач ги забавува до раните утрински часови, а модерните печалбари играат ли играат, нозе ќе искршат, само да ги има на видеото кое оди ВО ЖИВО и го гледа тетка Ратка. Им коментира и праќа емотикони срциња, со желби и поздрави да се дружат таму, дека во Македонија немаа кога и како, изгледа до системот ќе да е…

Пишува: Провинцијалецот

Фото: printskrin Youtube