Муабетов е за оние кои не се отчоечиле, за оние кои си ја зачувале честа и чистата душа. Онакви какви што нѐ има многу повеќе од оние кои катадневно нѐ предизвикуваат пизмата, иднина да нѝ биде.
Моето најголемо девојче, објаснувајќи како врват годините, еднаш знаменито заклучи: „Годините летаат како птици во јато“. Ние со години, како на смеа, ја задевавме за знаменитиот исказ, не обрнувајќи внимание на неговата вистинитост. Од друга страна, како мала ја слушав баба ми Блага, мајка на мајка ми, како ќе речеше: „Своештина болештина“. Тогаш не разбирав што ѝ значеше тоа.
Денес, со пристојна количина на животен товар, многу сериозно го кантарам секој збор, независно дали е искажан од повозрасен или помлад од мене.
Животот е краток, а доцна го разбираме тоа.
И така стигнуваме до мојата потреба да си олеснам на душава, а тоа најлесно го правам преку некој текст, кој посакувам да им помогне на сите кои се нагрбени со тешки мисли, како мене. Немам намера да нижам бисери невидени, ниту да кажувам мудрости нечуени. Ќе ви кажам што ме мачи, што ме боли до корнеж.
Пред некое време ми требаше фротирка/бањарка, па решив да се расшенам по трговските центри низ Скопјево. Те Сити мол, те Ист гејт, те Дајмонд, те Рамстор, те…. Како бре едно име не ставија за да знаеш дека си во Македонија, дека има некаков закон за македонски јазик. И барам фротирки/бањарки, а она што ми го нудеа не беше од фротир, туку од излитена ткаенина. Па си се сетив на едно време кога бевме на научна конференција во Делчево и кога имавме можност да си купиме производи од тамошната фабрика „Фротирка“. Фротирки/бањарки, крпи поголеми и помали, сенешто. Во тоа време, Делчево живееше од фабриката, а производите грееја и насекаде се продаваа бидејќи секој сакаше производи со таков квалитет. Луѓето беа свои на своето. Денес Делчево е град со возрасни жители, од кој младите се збогувале, град со сѐ помалку деца по училиштата. И прашањето кое само се наметнува е кој ќе се грижи за возрасните кога ќе им притреба помош?
Си реков, па ете имаат можност да пазарат преку интернет. Но, само оние што имаат компјутер и оние што користат интернет. И така, дниве немајќи време да шетам по Скопјево, си порачав патики по интернет, а наместо порачаното добив некои изработки од мушама, како за умрени. Веројатно такви производи би добиле и оние возрасни и изнемоштени жители, кои би порачале нешто преку интернет, а за кои барањето на правда потоа, би било мислена именка. И си се сетив кога преку Институтот за национална историја бевме во посета на „Газела“, фабрика во која си купив чевли кои со години ги носев. Колку имаше вработени не знам, ама знам дека со часови шетавме низ погоните, ги гледавме машините за изработка на чевли/сандали од првиот до последниот чекор. Тие и такви луѓе ја градеа државата и беа свои на своето. Потоа станаа стечајци, некои станаа пензионери, некои се населија во вечните домови. Денес, на пензионерите им следуваат срамни пензии, кои ги натераа да застанат пред Владата на Македонија и да ги молат за милост оние кои газдуваат со нивната оставнина. Со такви пензии, со избркани млади од домовите, прашањето кое само се наметнува е кој ќе се грижи за возрасните кога ќе им притреба помош?
Таков е односот кон оние што ја градеа македонската држава од оние кои на тацна ја наследија изградена, богата со фабрики, со луѓе свои на своето. Ама, овие „новиве“ во 33 години, за да можат да газдуваат со наследството, решија да ги уништат и фабриките и народот и тацната. „Новиве“ во минативе 33 години, решија да удрат по достоинството и честа на младите за тие да се расселат и рассеат по светот, за да не бидат свои на свето, туку „новите“ да газдуваат со нивното. Ним, погледот им е во Европа, во државите по светот, но не и дома. Веројатно полесно е да се биде туѓ во туѓина, да се гради и придонесува за туѓината, отколку да се биде свој на своето и да се штити својот дом. И често се прашувам дали доколку дома, сами си ги решиме и завршиме „поглавјата“ за кои со децении нѝ објаснуваат европјаните, ќе имавме ли подобри услови за работа за младите? Нели ќе да е подобро, за себе, од утре натаму со засукани ракави да ги исполниме условите во тие „поглавја“, а пред влезот во ЕУ да нѝ останат само Бугарите во Уставот? Секако, ќе да е подобро сами да си сработиме, заработиме и да не чекаме милост од кредити со камати кои ќе ги плаќаме сите, а ќе ги раскрчмуваат „новите“.
Секој со својата филозофија. Со децении живееме ода милостина, па нормално е што добивме апатична, згмечена, исплашена, понижена возрасна категорија жители, која е на најдобар пат да го изгуби своето, молчејќи им на „новите“ и не можејќи да се потпре на поддршката од потомците. Додека „годините летаат како птици во јато“ нас нѐ пече „болештината по своештината“ рассејана по светот.
И чинам, одамна врие, но сега преврива времето, за одважно, за достоинствено, за гордо да кажеме премногу е од уништувања. Дојден е часот за повторно да станеме свои на своето.
Post Views:
59
Извор : vesnik-ilinden.com