Пред неколку години читав еден текст од Далибор Станковиќ, кој во тоа време ми остави впечаток. Дниве, повторно се сетив на тој текст. Во него пишува: „Диоген верувал дека општеството не соодветствува со вистината и тврдел дека луѓето се заробени во свет за кој верувале дека е реален и затоа живеат во состојба на сон. Ги мразел нечесните постапки на луѓето, па, така, среде бел ден со фенер во раката излегол на плоштадот во Атина, а кога го запрашале што прави, одговорил: „Го барам човекот“ (https://novamakedonija.com.mk/zivot/magazin/диоген-го-барам-човекот/).
Повод за тоа беше моето изненадување при читањето ги вашите објави и коментари во врска со пријавените кандидати за претседател на Македонија, како и реакциите за МКЦ. И веројатно, вам ви се појавува прашалникот, што ме изненади толку многу за да седнам и да посветам цел текст на темава.
Ќе ви кажам.
Искрено жалам што дозволивме толку пелин да се наталожи во нашите души, што на прва, реагираме со толку скуден и безобразен речник, што ќе признаете дека е наше огледало пред светот. Тоа што го пишуваме го читаат и семејствата на оние кон кои е насечен нашиот текст/коментар, а да не зборувам дека тоа е и огледалото за нашето домашно воспитување. Како човек со сериозен животен стаж, непријатно сум изненадена од „деца“, уште неиспилени и неуки за важноста на животното искуство и наобразбата, се расфрлаат со пизма врз оние, на кои можат само да им се поклонат пред годините, времетраењето на работниот век и стекнатите знаења. Сигурно сега нервозно ќе изреагираат „децата“, но и возрасните, кои сметаат дека им го спорам правото на коментар, а јас ќе им кажам дека не ми пречи конструктивна и правонасочна дискусија. НО:
– Ми пречи кога се расфрлаат со недолични лични квалификации кон било кого бидејќи го чувствувам моментот на непочитување на повозрасниот, на неговиот приватен/професионален влог во државата.
– Ми пречи потребата да се спомнуваат семејствата на другите, со цел дискредитација на нечиј лик.
– Ми пречи што образованието во Македонија се уништуваше 30-тина година, од кое денес ги собираме плодовите.
– Ми пречи што живееме во општество во кое почитувањето на законите стана ерес, а мафијашењето стана доблест.
Има и други работи што ми пречат, а веројатно и вам.
И да ви кажам. Во историјата, еден од важните сегменти е последователноста, а тоа значи дека ништо не се случува одеднаш. На секоја појава/порив претходел некој фитил кој ја/го предизвикал. И легитимно е да се реагира, но не со исфрлање на гнасотии на погрешна адреса.
Она што сакам да го кажам со овој текст е дека од срце посакувам, за времетраењето на овие исклучително важни избори во Македонија, да читам пристојни и аргументирани објави/коментари. Со тоа ќе се заштитиме себеси од срамот, а нема да бидеме потсмев за светот. Оти на ФБ не нѐ читаат само оние „никаквите“ во државата, туку и оние надвор, а врз основа на тоа, ја градат проекцијата за нас.
Посакувам да покажеме дека во Македонија живее пристоен народ, а не поттикната од досегашниве разочарувања кои ги доживувам, да „го барам човекот“. Како непоколеблив оптимист, верувам дека има и тоа многу „човеци“ меѓу нас.
И, по кој знае кој пат, ќе му кажам на ликот што го гледам во огледалото, срам и арам да ти е што дозволи некадарници да го уништуваат наследството што го доби од предците. Наследив ДРЖАВА, па не сакам на моите потомци да им оставим буниште.
Post Views:
71