Ова се симптомите на деменција што може да се забележат за време на празниците
Божиќните празници се време за радост и прослави за целото семејство. Тоа е време и кога различни генерации се собираат и уживаат во празничните веселби. Но ако подолго не сте виделе некои од своите роднини, можеби ќе забележите промена во нивното однесување.
Експерти од организацијата за деменција во Велика Британија објаснуваат дека празничната сезона може да биде тешка и за оние со деменција и за луѓето кои се грижат за пријателите или членовите на семејството со оваа состојба.
Овој период можеби ќе забележите нови симптоми кај некој близок, па затоа корисно е да знаете што би можело да биде знак на деменција.
Во основа, главните симптоми се поделени во три категории, а тоа се проблеми со помнењето, когнитивните способности и комуникацијата. Раните симптоми на болеста вклучуваат:
- губење на помнењето
- тешкотии во концентрацијата
- отежнато извршување на секојдневните задачи
- борба да се следи разговорот или да се пронајде вистинскиот збор
- збунетост околу времето и просторот
- промени во расположението
Овие симптоми прво се благи, но се влошуваат со текот на времето.
Ако овие симптоми почнат да се појавуваат редовно, тоа може да укажува на рана фаза да деменција. Уште еден од првите знаци е губење интерес за секојдневните активности и хобија во кои пациентот претходно уживал.
Поврзани објави
„Тоа е честа појава, затоа што деменцијата влијае врз мислата и помнењето, па поединецот можеби не ни размислува за неговото омилено хоби, воопшто не му паѓа тоа на памет“, откриваат експертите.
Тие додаваат и дека донесувањето избрзани одлуки може да биде ран знак на предупредување. Сите необични и непромислени дејства што се надвор од карактерот и се потенцијална причина за загриженост, исто така, се типични за оние со деменција. На пример, можеби одлучиле да носат облека што не е соодветна за временските услови или одеднаш решаваат да донираат работи во хуманитарни цели.
Лошата проценка и неспретноста исто така може да укажуваат на деменција, но експертите потенцираат дека иако ова се вообичаените знаци, различни типови може различно да влијаат врз луѓето, па секој ги доживува симптомите на свој начин.
Што да правите?
Ако се сомневате дека ваша блиска личност станува сѐ позаборавена, би требало да ја охрабрите да разговара со својот матичен лекар. Можете да ѝ понудите да одите заедно со неа на преглед за да ја поддржите.
„Општиот лекар ќе праша како се развивале симптомите со текот на времето. Тие може да направат и тест за помнење и преглед. Може да се направат и крвни анализи за да се провери дали симптомите се предизвикани од друга состојба. Ако може да се исклучат другите причини, општиот лекар ќе го упати вашиот пријател или роднина на клиника, каде што би требало да имаат повеќе опции за да потврдат дали станува збор за деменција.“
ФОТО: Mario Heller / Unsplash