Некако се навикнавме на примери за незавршени болници (Штип, Кичево) или пак опрема во вредност од повеќе милиони евра која не се употребува повеќе од една деценија. Споменици на неодговорно и неспососбно владеење. Минатата недела при посетата на Струмица и средбата во ЈЗУ Општа Болница Струмица со Д-р Гоце Христов, директор на болницата како и членови на раководството, главните сестри и пратеници од Струмица, разговаравме за предизвиците на ова болница, како неисправна опрема, растечки долгови, потреби од кадар.
Секако неминовна беше посета на новиот блок на болницата, кој започнал да се гради, во тешко да се поверува, 1973 година. Станува збор за објект од 6.000 м2 во кој треба да се смести ургентниот центар и хируршките оддели и кој е градежно завршен и делумно опремен и така стои цели 3 години, бидејќи не се приклучува на струја.
Новиот блок во собите има кревети, а има дури и соби со тоалети опремени за лица со посебни потреби. За довршување се потребни одредени средства, како и десетина нови вработувања, но со тоа болницата може да биде регионален центар за југоисточна Македонија. Да не се доврши и стави во употреба новиот блок на болницата во Струмица е чин на крајна неодговорност кон сопствените граѓани!