Кинескиот претседател Си Џинпинг денес, при средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, нагласи дека Кина и Индија се партнери во кооперацијата, а не ривали, и дека двете држави една за друга претставуваат развојни шанси, а не опасности.
Според соопштението од кинеското Министерство за надворешни работи, Си, по состанокот со Моди во кинескиот пристанишен град Тјенџин, изјави дека „танцот на змејот и слонот“, односно остварувањето добрососедски, пријателски и партнерски врски меѓу двете најбројни земји во светот, треба да биде вистинската опција и за Кина и за Индија.
Кинескиот лидер подвлече дека минатогодишната успешна средба на самитот на БРИКС во Казан го означи повторното започнување на врските меѓу Кина и Индија, при што размената и соработката меѓу двете земји континуирано прогресираат.
Тој напомена дека Кина и Индија, како две стари источни цивилизации и двете најгусто населени земји на планетата, се значајни членови на Глобалниот Југ и дека тие ја имаат одговорноста за благосостојбата на своите граѓани, промовирањето на единството и ревитализацијата на релациите меѓу земјите во развој и унапредувањето на прогресот на човечкото општество.
Си потенцираше дека оваа година се одбележува 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски врски меѓу Кина и Индија и дека двете страни треба да ги разгледуваат и менаџираат односите на двете држави од стратешка и долгорочна визура, дополнително да ги подобрат преку самитот во Тјенџин и да го поттикнат одржливиот, здрав и стабилен развој на билатералните односи.
Кинескиот претседател ги повика двете земји да ја интензивираат стратешката комуникација и да ја зацврстат меѓусебната доверба, со оценка дека сè додека останат посветени на сеопфатниот принцип да бидат партнери, а не конкуренти, и да си пружат едни на други можности за развој, а не закани, односите меѓу Кина и Индија ќе цветаат и ќе бележат постојан прогрес.
Тој, исто така, рече дека Индија и Кина треба да ја зголемат размената и соработката со цел да остварат заемна корист и меѓусебно корисни резултати. Си оцени дека и Кина и Индија се во критична етапа на развој и ревитализација и треба да се фокусираат на развојот како нивен најголем заеднички фактор, поддржувајќи, промовирајќи и постигнувајќи заеднички успех.
Тој додаде дека двете држави треба да ги почитуваат меѓусебните грижи и да ја поддржат хармоничната коегзистенција, како и да работат заедно за одржување на мирот и спокојството во пограничните подрачја и да не дозволат граничното прашање да ги определува целокупните односи меѓу Кина и Индија.
Кинескиот претседател, исто така, како цел го назначи зајакнувањето на мултилатералната соработка, со цел да се заштитат заедничките интереси. Си рече дека Кина и Индија мора заеднички да демонстрираат историска одговорност, да го поддржат мултилатерализмот, да ја зајакнат комуникацијата и соработката по важни интернационални и регионални прашања, да ја бранат меѓународната правичност и правда, да работат заедно за промовирање на мултиполарен свет и демократизирање на меѓународните односи и да го дадат својот соодветен придонес за зачувување на мирот и просперитетот во Азија и во светот.