Table of Contents
Расказот „Квазихомо“ на авторот под псевдоним Алан го освои третото место на Конкурсот за краток хорор расказ, што Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со Книжевниот центар „Антолог“ го распиша петта година по ред
„Квазихомо“ автор: Алан
Кога им погледнувам в очи на годините што изминаа и останаа некаде зад мене, а сепак сѐ уште се толку присутни во мене, сфаќам дека само неделите беа наши празници. Тогаш сите, колку и да бевме затворени внатре во себе, станувавме едно. Обврските во недела нѐ поврзуваа. Ни беа единствената причина за комуникација.
Колку тажно е ова од денешна перспектива, си велам. Тогаш бев неизмерно среќна особено зашто ја препознавав радоста на лицето на сестра ми која секогаш беше до мајка ми кога требаше да се вклучи машината за перење алишта. Заедно ги ставаа алиштата, делејќи ги по боја, па мајка ми ќе ѝ покажеше како да ја вклучи и чим ќе почнеше да работи, сестра ми седнуваше пред неа и зјапаше.
Толку љубопитно и невино, истовремено. На сите ни беше чудно, но никој не коментираше. Едноставно, така функциониравме. Во таквите моменти, мачорот Тоби седнуваше во скутот на сестра ми и заедно уживаа во глетката. Честопати се случуваше да ја чека затворен во нејзината соба за кога ќе се врати да му раскаже какво било нејзиното неделно уживање пред машината за перење алишта. Ваквите нивни средби ги измислуваше сама. Очигледно уживаше во нив.
Вечерта, првпат ненајавено, ни дојдоа гости, па никој од нас не се сети на алиштата и нивното простирање. Сите, потсвесно, тоа го оставивме за следното утро. По нивното заминување и повлекувањето на секој од нас во сопствената соба, врисоците не стивнуваа. Ги слушав како недефинирани крикови. Нешто помеѓу човечко и животинско. Ги отворав и затворав очите, но попусто. Сѐ беше обвиено во темнина.
Ако ова е сон, тогаш зошто не се будам? Што е тоа што ме влече во темнината, нанесувајќи ми душевна болка? Ако е реалност, зарем никој не го слуша она што мене ми ги пара ушите во моментов?
Звуците се измешаа па повеќе не бев сигурна во ништо. Чувствував тресење што ме приковуваше за креветот иако би требало да ме исфрли од истиот. Звуците не стивнуваа, а кругот од којшто не можев да излезам, вртеше без престан. Се сетив на машината за перење алишта. И таа работеше на истиот начин, со една разлика: никогаш не сум била и не би посакала да бидам заглавена во неа.
Тоа го сфатив во моментот кога потта што ме облеваше стануваше сѐ позасилена. Тоа повеќе не беа капки што ми го ладеа и грчеа телото. Течноста неконтролирано се разли насекаде, а јас со целото тело шлапав во неа. Мирисаше… на крв. Умот непрестајно ми се вртеше, а разумот копнееше по некоја можна врска со реалноста. Сѐ околу мене се раскршуваше, само кругот во кој вртев остануваше недопрен.
Устата ми беше сува од викањето, а татнежот во моите уши не престануваше. Очигледно, во ваквиот моментален свет изгубен некаде во темнината, постоев само јас. Сама со својата неизбежна болка. Во еден момент почувствував дека моите раце не се мои.
Телото исто така. Не знам дали беше визија на мојот разум што се давеше во хаотичноста на случувањата или вистина, но јас станав Тоби, тој стана – јас. Тука некаде престануваат сеќавањата извртени како алишта во центрифугата на машината за перење.
Ако ова беше кошмар, очајно посакував да се ослободам од него. Тоа утро ме разбуди вресокот на мајка ми од купатилото. По тоа утро, сестра ми никогаш не седна пред машината за перење алишта.
Тоби никогаш повеќе не дојде во нејзиниот скут. Тоа утро, сите уште еднаш премолчевме и се затворивме во себе потајно знаејќи што се беше нашло помеѓу сите тие алишта во машината за перење. До ден денес не знам дали сите тие сеќавања беа мои или негови.
Расказот „Квазихомо“ на авторот под псевдоним Алан го освои третото место на Конкурсот за краток хорор расказ, што Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со Книжевниот центар „Антолог“ го распиша петта година по ред. Конкурсот беше распишан по повод празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“ кој секоја година се одбележува на овој ден, 31 октомври.
„Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите. Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви. На годинешниот Конкурс за краток хорор расказ пристигнаа вкупно 35 трудови, од кои, согласно правилата, наградени се три раскази.
Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Пепи Стамков – пратставник на книжевниот центар „Антолог“, Мери Јордановска – заменик-главен уредник во новинската агенција Мета.мк и Гоше Николов – новинар во Мета.мк. Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на идејата, пораката што ја испраќаат и правилното користење на македонскиот литературен јазик.
Жири-комисијата ги оцени сите пристигнати трудови како одлични и креативни, при што нијанси ги одделуваат победничките од останатите раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.
Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од „Антолог“ што ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на овој книжевен центар.
Гоше Николов