Грција се очекува да прими сума која достигнува 788 милиони евра од механизмот САФЕ, новиот финансиски инструмент на Европската Унија за обезбедување заеми за олеснување на зајакнувањето на европските одбранбени трошоци, пишува грчкиот весник „Катимерини“ и додава дека ЕК вчера ја одобри привремената финансиска помош за земјите-членки, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Кон крајот на јули годинава, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави дека Грција, во рамките на програмата „ReARM Europe“, ќе учествува во новиот финансиски механизам САФЕ (SAFE) на ЕУ со официјално доставено барање „за ниски каматни заеми во висина од најмалку 1,2 милијарди евра за зајакнување на националната одбрана и грчката одбранбена индустрија“.
Според „Катимерини“, Атина најверојатно кредитот со намалена каматна стапка преку ЕУ ќе го употреби или за системи за воздушна одбрана или за копнени единици на армијата, а целта е истовремено „да ја зајакне и грчката одбранбена индустрија“.
Во врска со износот што ќе го добие Грција, комесарот за одбрана Андриус Кубилиус за весникот разјасни дека тој не е дефинитивен, бидејќи ЕК во октомври на Европскиот совет ќе го презентира „патоказот“ со следните чекори, а земјите-членки имаат рок до ноември да ги подготват своите национални инвестициски планови, опишувајќи ја во исто време и финансиската помош што ќе им биде потребна од ЕУ.
Потоа, како што пишува „Катимерини“, Комисијата ќе ги процени овие национални планови со цел првите исплати да се реализираат во првиот квартал од 2026 година.
Вкупно 19 земји-членки на ЕУ покажале интерес за учество во програмата.
Финансискиот инструмент Безбедносна акција за Европа (САФЕ), со вредност од 150 милијарди евра, предвидува поддршка на инвестициите во одбранбеното производство и заеднички набавки за потребите на одбраната на членките на Унијата и на државите партнери, а исплатата на средствата во рамките на САФЕ ќе се врши во форма на долгорочни кредити под поволни услови наменети за конкретни проекти.
ср/сд/Фото: Архива МИА