Канадскиот премиер Марк Карни ги повика Франција, Канада, САД и Кина да соработуваат со цел да се обезбеди вештачката интелигенција да биде безбедна и ефикасна.
Говорејќи заедно со францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на француската прекуморска територија Сен Пјер и Микелон, Карни истакна дека овие четири земји се меѓу водечките во областа на вештачката интелигенција и ја нагласи потребата од нивна соработка.
– Мораме да ги здружиме силите за да обезбедиме соодветна регулација и да гарантираме дека вештачката интелигенција е безбедна и ефикасна – рече тој.
Од кабинетот на Карни по средбата соопштија дека двајцата лидери истакнале оти водечките земји во областа на вештачката интелигенција, меѓу кои се Канада и Франција, „мора да соработуваат“. Во официјалното соопштение се наведува дека Карни ја нагласил улогата на Канада како сигурен партнер во одговорниот развој на новите технологии.
Изјавите беа дадени за време на првата официјална посета на канадски премиер на Сен Пјер и Микелон, француски архипелаг во Атлантскиот Океан во близина на канадскиот брег.
Карни и Макрон се согласија и да ја продлабочат соработката во стратешките сектори, меѓу кои се одбраната, воздухопловството, вселенската инфраструктура, енергетската безбедност и новите технологии.
Извор: МИА