– Мојот став е, тврдам дека сум во право, дека интерпелација на член на Судски совет е недозволена и противуставен акт. Гледам во интерпелацијата подносителите на истата се повикуваат, а и по медиуми постојано тоа го слушаме, на нивното уставно загарантирано право да поднесуваат интерпелација, во смисла на член 72 од Уставот на Република Северна Македонија. Меѓутоа, одредбата од членот 68, став 1, алинеја 15, има поинакво уставно решение. Таму стои дека интерпелација може да биде поднесена спрема секој носител на јавна функција којшто одговара пред Собранието. Членовите на Судски совет, согласно Уставот и Законот за Судскиот совет, кој е „lex specialis“ и на кој упатува Уставот по однос на круцијалните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, тоа е состав на Судскиот совет, мандат на членовите на Судскиот совет, надлежности на Судскиот совет, услови и постапка за избор и разрешување на член на Судскиот совет, услови и постапка за утврдување на одговорност за член на Судски совет, се прашања кои што согласно Уставот се поконкретно и подецидно образложени и уредени со Законот за Судскиот совет – рече Чачарова – Илиевска.
Пратениците, додаде, немаат уставно право на ваков чин, бидејќи како што образложи, во Уставот постојат одредби во членот 104 и 105 заменети со амандман 28 и 29 каде точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет. – Синоќа случајно на една од телевизиите имав прилика да слушам еден од пратениците којшто рече во дебатна емисија дека било „природно право“ тој што те бира и да те разрешува. Видете во правото немаме природно право, во правото имаме нормирани состојби, нормирани прашања, нормирани права и одговорности, така што Уставот посветил доволно одредби во членот 104 и 105 заменети со амандман 28 и 29, точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, децидно доразработени во Законот за Судски совет и пратениците, за жал, немаат уставно право на ваков чин – додаде Чачарова – Илиевска.