Почетна ЕкономијаИндустриското производство во јули забележа раст од 4.1% на годишна основа

Индустриското производство во јули забележа раст од 4.1% на годишна основа

од nenad
1 минути читај за

Индустриската продукција во јули годинава забележа зголемување од 4,1 отсто во однос на јули лани, додека во периодот јануари – јули годинава има пораст од три проценти споредено со истиот период од претходната година, соопшти денес Државниот завод за статистика.

Најголемо влијание врз растот на индустриското производство во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, имаат секторите за изработка на електрична опрема со 15,3 проценти, на машини и уреди, неспоменати на друго место со 4,6 проценти и на моторни возила, приколки и полуприколки со 26,5 проценти.

Во делот Преработувачка индустрија, индустриското производство бележи раст од 7 проценти, додека намалување има во Рударство и вадење на камен од 10,4 проценти и во Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација од 7,5 проценти.

Растот во делот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во секторите: “Производство на тутунски производи”, “Производство на текстил”, “Производство на облека”, “Печатење и продукција на снимени медиуми (записи)”, “Производство на производи од гума и производи од пластични маси”, “Производство на други неметални минерални производи”, “Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема”, “Производство на електрична опрема”, “Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место”, “Производство на моторни возила, приколки и полуприколки” и “Производство на мебел”.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, е зголемено кај Интермедијарни производи, освен енергија за 12,5 проценти, Капитални производи за 18,6 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 2,9 проценти, додека намалување е забележано кај Енергија за 6,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,5 проценти.