Ликот што ја прославил на големото платно, ја натерал да се повлече од глумата
Рене Зелвегер, славната актерка без која не може да се замисли светот на комедијата, открила зошто направила пауза во кариерата и се откажала од глумата одреден период, но и какви придобивки добила тогаш.
Во интервју за британскиот „Вог“, Рене зборувала за својата пауза од глумата. На прашањето зошто го направила тоа, Зелвегер рекла:
„Затоа што морав. Ми беше мака од звукот на сопствениот глас. Не можев да го поднесам тој тажен глас.“
А тој период го искористила на најдобриот можен начин.
„Создавав музика и студирав меѓународно право. Изградив куќа, спасив неколку постари куќички, создадов бизнис-партнерство кое доведе до продукциска компанија, се залагав и за собирање средства за еден болен пријател и поминав многу време со семејството и со кумчето, патувајќи низ земјата со моите кучиња. Оздравев“, рекла актерката.
Во 2010 година, актерката паузирала со својата актерска кариера по снимањето на филмот „Мојата сопствена љубовна песна“. Се вратила во 2016 за да ја повтори улогата Бриџит Џонс во филмот „Бебето на Бриџит Џонс“.
Поврзани објави
„Со оглед на тоа што сум креативна личност, тешко ми е да кажам ‘не’ на прекрасен проект кој се случува еднаш во животот. Но бев уморна и не си давав доволно време за да закрепнам помеѓу проектите и тоа ме исцрпи.“
Таа објаснила и дека во овој период добила анонимност и можела да комуницира со луѓето на човечко ниво, да биде видена и сослушана, без да биде дефинирана од сликата што другите си ја имаат создадено за неа.
„Не можете да бидете добар соговорник ако немате животни искуства и не можете да се поврзете со луѓето“, рекла таа.
Зелвегер уште еднаш ќе ја повтори својата улога Бриџит Џонс во филмот „Бриџит Џонс е луда по нејзиното момче“, па наскоро ќе можеме да ја видиме на филмското платно.
„Нејзиниот лик и тоа како живее“, заклучила актерката.
ФОТО: Принстскрин Инстаграм @britishvogue