Почетна Технологија„Звукот на селската камбана“ – второ место на Конкурсот за краток хорор расказ

„Звукот на селската камбана“ – второ место на Конкурсот за краток хорор расказ

од nenad
6 минути читај за

Table of Contents

Расказот „Звукот на селската камбана“ на авторот под псевдоним А.Б. го освои третото место на Конкурсот за краток хорор расказ, што Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со Книжевниот центар „Антолог“ го распиша петта година по ред

„Звукот на селската камбана“ Автор: А.Б.

Седев во капелата со полурастопена свеќа во раката кога низ целото село одекна селската камбана. Беше ладна зима кога во селските гробишта го донесоа ковчегот во кој лежеше мртовецот. Имаше многу народ – некои ми беа познати, а други првпат ги гледав.

Сите беа во некаква црнина и со тап поглед на лицата. Црните шамии на старите жени кои беа таму ден-денес ме прогонуваат. Нивниот лелек и пискот не ме оставаат мирно ниту една ноќ.

Шепотејќи меѓу себе влегуваа и излегуваа, се претопуваа во гробната тишина којашто владееше на тоа проклето место. Го отворија ковчегот, а во него мирно лежеше мртовецот. Беше пребледен и модар околу усните, облечен во црно одело кое доаѓаше уште повеќе до израз поради неговата ожолтена кожа. Единствено неговите очи пропаднати како во две црни вдлабнатини и големи како петлици го надополнуваа испиеното лице.

Гледав човек кој малку наликуваше на мене. Не ми требаше многу за да сфатам дека тоа е татко ми. Тоа беше погребот на мојот татко.Не знам како умрел и што му се случило, не се сеќавам на ништо. Секојдневно слушав муабети кои од ден на ден сè повеќе се ширеа низ селските сокаци: дека доцна во ноќта го задушиле додека спиел. Единствено паметам дека кога влегов утрото во неговата соба за да го разбудам, го видов пребледен и модар, исто како и на погребот кога лежеше во ковчегот.

На шестиот ден откако го погребавме татко ми, селската камбана повторно го стресе селото. Седев во дворот на црквата држејќи една стара баба под раката – ден-денес не знам која беше таа и зошто толку силно плачеше. Овој пат имаше помалку народ, некои од луѓето беа истите од претходниот пат – ги познав по истата црнина која ја носеа. Го отворија ковчегот, а во него мирно лежеше мртовецот.

Сега беше жена, облечена во бел фустан, бледа и ладна како мраз, помодрена под ноктите со некакви црни подочници под очите од кои се спуштаа надолу по лицето темнозелени вени. Кога се приближав до отворениот ковчег, за последен поздрав ја допрев и бакнав раката на жената која лежеше во него. Нејзината рака беше толку ладна што ми го заледи целото тело, ме скамени. Некоја чудна и морбидна струја ми го затресе целото тело.

Но, тоа беше допир кој ќе го паметам цел мој живот: допир кој веќе претходно од некаде го имав почувствувано, допир кој ме потсети на мајчинската љубов. Тоа беше погребот на мојата мајка. Беше доцна навечер кога ме разбудија силни вресоци и пискотници. Доаѓаа од нејзината соба. Слушав како бара помош и го довикува моето име. Кога влегов во собата, ја најдов како лежи во сопствената крв – до смрт ја прободеле.

Нејзиното тело беше скоро непрепознатливо, ископано како од канџи на некој страшен ѕвер, додека нејзината крв сè уште капеше од креветот и го прекриваше подот, а нејзините отворени очи сведочеа за траорот кој го доживеала ноќта. Зарем заслужија двајца обични селани да бидат така свирепо убиени? Живеевме скромно, се прехранувавме со земјоделие. Имавме две ниви, две крави и една трошна куќа, ништо повеќе.

Црна рака ѓаволова – не се прсти, туку канџи. На чиј монструм му прелетала таква црна мисла па се одлучил на крвопролевање? Црн друм, црна шубара. Ах, моја судбино, ме натера со голи раце да ја бришам крвта на мојата мајка. Кој клетник дошол во мојот дом и ѕверски ја искасапил?

Нејзината крв ден-денес стои на постелата, но сега веќе има добиено темноцрвена нијанса. Има траги од крвта и на завесите и на ѕидовите. Се чувствува некојa чудна миризба, но немам храброст да влезам во тоа место и да го исчистам нередот.

Знам кој им го направи тоа, верувајте ми! Останавме сираци со сестра ми. Таа беше постара од мене и беше учителка во селското училиште. Не поминаа шест месеци од смртта на моите родители кога ми јавија дека таа се обесила во затворската ќелија – ја пријавив денот после погребот на мајка ми. Не знам зошто го направи тоа, отсекогаш неа повеќе ја сакаа.

Денес, еве ме лежам на одделението за психичко болни лица, осуден на доживотен затвор. Ако ме прашувате како сум, не знам, бидејќи не чувствувам ништо. Сам сум во една, на изглед, празна соба. Мала е, има бели ѕидови, еден кревет и железна врата. Прозорци скоро и да нема, па така не знам ни кога е ден ни кога е ноќ.

Изолиран сум од сè, само жолтата сијалицата која ми го осветлува креветот ми е сведок на гниењето овде. Исушен сум од слабата храна и седам на ова проклето место, а ни сам не знам зошто. Ми даваат некои лекарства од кои само слепо зјапам во голите ѕидови. И сето ова откако ми го најдоа крвавиот нож закопан во градината.

Тоа студено утро отидов на селските гробишта да однесам свеж зимски јасмин на гробот на моите родители и да поседам малку со нив. Овој пат камбаната не чукаше, беше доста тивко. Но, посетата траеше кратко: беше прекината од брзите и груби чекори на селската жандармерија.

Бев затворен во самица цели две недели, потоа ме префрлија во психијатриска болница. Но, таа проклетиничка го направи тоа, сестра ми! Ги уби на најсуровиот начин. Цврсто верував во тоа сè додека докторите не ми кажаа дека всушност јас никогаш немав сестра, бев син единец.


Расказот „Звукот на селската камбана“ на авторот под псевдоним А.Б. го освои второто место на Конкурсот за краток хорор расказ, што Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со Книжевниот центар „Антолог“ го распиша петта година по ред. Конкурсот беше распишан по повод празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“ кој секоја година се одбележува на овој ден, 31 октомври.

„Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите. Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви. На годинешниот Конкурс за краток хорор расказ пристигнаа вкупно 35 трудови, од кои, согласно правилата, наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Пепи Стамков – пратставник на книжевниот центар „Антолог“, Мери Јордановска – заменик-главен уредник во новинската агенција Мета.мк и Гоше Николов – новинар во Мета.мк. Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на идејата, пораката што ја испраќаат и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Жири-комисијата ги оцени сите пристигнати трудови како одлични и креативни, при што нијанси ги одделуваат победничките од останатите раскази. Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази. Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од „Антолог“ што ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на овој книжевен центар.

Гоше Николов