Table of Contents
Христина Младенов ни раскажа како успеала да ја пронајде вистинската рамнотежа меѓу тоа што го споделува на социјалните мрежи и тоа што го задржува за себе
Христина Младенов, на Инстаграм позната како @hristinapan, е една од нашите најистакнати инфлуенсерки, која ги освои следбениците со својот урамнотежен животен стил и впечатливите модни комбинации. Прво допре до многумина кога го сподели своето искуство со борбата со неплодност, па ја израдува инстаграм-заедницата откако стана мајка на близначки. Но таа и нејзиното семејство набрзо се соочија со уште еден животен предизвик по дијагнозата на Тара. Во овој тежок период поминат на одделот за онкологија, дел од деталите ги споделуваше на својот инстаграм-профил, каде што доби голема поддршка и од познаници и од луѓе кои не ги ни познава. Сега, повторно среќна вест – Христина ќе стане мајка на уште едно девојче. Вистински ролеркостер од емоции!
Поминавте низ вистинска голгота. Како е Тара денес?
Да, животен пресврт што целосно те изместува, потребно е време за да се соземеш, да прифатиш и со текот на времето да научиш да живееш во сосема нови околности. Лечењето на Тара, еве, трае веќе цели 15 месеци и со оглед на сѐ што помина, хемотерапии, операција, трансплантација и сè друго што носи оваа болест, таа е добро, фала му на Господ, и добро се справува со сѐ. Моментално сме во фаза на примање имунотерапија, која ќе ја прима во следниве 3-4 месеци.
Зошто одлучи да го споделиш целото ова искуство со твоите следбеници на Инстаграм?
Првите два месеца не споделував ништо, животот на Инстаграм го оставив зад себе, а во меѓувреме правевме милион анализи, скенови, биопсии за да дојдеме до точната дијагноза. Целиот тој процес е претежок, измачувачки, постојано си во исчекување и во страв, зашто прво, станува збор за поретка болест за која јас не знаев ништо, а второ, Тара имаше само 9 месеци. Кога почна со хемотерапии и сфатив дека лекувањето ќе трае долго, споделив со сите за да нема ширење погрешни информации. Веќе многумина ме имаа видено по клиники, промената што ја имаше на окото во тој момент не можеше да се сокрие, а не ми ни падна на памет да си го кријам детето. Освен тоа, кога споделив дека ги добив Хана и Тара со инвитро, им помогнав и сè уште им помагам на многу жени за совети, информации… Така и овој пат споделив јавно за да му помогнам некому со поддршка, некоја информација… За возврат, не знаете колкава поддршка добив од моите инстаграм-пријатели, стекнав нови пријатели за цел живот.
Како ја имаш одредено границата колку твојот приватен живот ќе биде присутен на твојот профил?
Поврзани објави
Пред да ги добијам Хана и Тара, можам да се каже дека објавував 80 отсто од мојот живот. Сега објавувам многу малку, не затоа што кријам нешто, туку немам толку време за да се посветам на тоа. Половина од времето сум затворена дома, половина во болница. Немам некоја јасна граница, зависи како се чувствувам во моментот. Се трудам да прикажувам позитивна содржина колку што можам повеќе, бидејќи затоа и беше создаден овој профил. Моментално, најголема е заинтересираноста за случајот на Тара. Споделувам само онолку колку да знаат сите колку храбро, силно и позитивно дете е таа, колку порасна предвреме и како се бори и се справува со сѐ. Мојата позитивна мисла и силата потекнуваат оттаму и од Господ. Сѐ друго останува само за мене…
Како ја планираш содржината што ја објавуваш на Инстаграм?
Пред да станам мајка, речиси целото време и фокус ги трошев на Инстаграм, но навистина уживав во сето тоа. Сега, тоа е сведено на минимум, прифаќам соработки само ако можам да ги сработам во периодот кога не сум во болница. Речиси целата содржина ми е спонтана. Ако сакам да споделам нешто во моментот, споделувам. Порано тоа беше мисловен процес.
Ти доаѓа ли некогаш преку глава од Инстаграм?
Секако дека да, но тоа кратко ми трае. Си го сакам Инстаграм, си ги сакам луѓето тука со кои се дружам и комуницирам. Сега и онака имам повеќе кратки паузи од него поради ситуацијата во која се наоѓам: мајка на близначки, болеста на Тара, очекување трето бебе, па така Инстаграм е последното нешто што ми доаѓа преку глава моментално.
Кои се предностите, а кои се негативните страни на Инстаграм?
Искрено, досега не сум имала негативно искуство. И да имало нешто, тоа биле безначајни ситуации на кои не им обрнувам многу внимание. За среќа, позитивните страни се побројни. Веќе споменав дека благодарение на Инстаграм стекнав нови пријатели на кои секогаш можам да сметам, остварив соработки што преминале во пријателства, познаници насекаде, луѓе што никогаш не сум ги запознала лично, а секојдневно си даваме поддршка едни на други.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА