Почетна Убавина и здравје„За жена дама ќе кажам само едно име – Моника Белучи!“ – Убавина и здравје

„За жена дама ќе кажам само едно име – Моника Белучи!“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Од мистер на Македонија до балкански шампион во бодибилдинг, Драган Стојчевски ни откри дали стандардите за убавина се исто толку сурови за мажите колку што се и за жените…

Драган Стојчевски остана запаметен како првиот мистер на Македонија, иако тој цели 32 години комплетно му е посветен на спортот. До неговата 24-та година тренирал атлетика, за потоа да се насочи кон фитнесот, каде што и денес е активен. Има две освоени титули на балканскиот шампионат во 2020 и 2022 година во мастер-категоријата ветерани (40 плус), додека пред неколку месеци се закити со две први места во категориите мастер физик и сениори физик на Купот на Македонија 2024 во бодибилдинг и фитнес. Драган признава дека стандардите за убавина се малку пофлексибилни кон мажите отколку кон жените, а дознаваме и кои жени тој ги смета за убави и инспиративни.

Како некој кој е дел од фитнес-светот, што мислиш за жените кои се занимаваат со бодибилдинг?

Убаво е секоја девојка или жена да се грижи за своето здравје и за изгледот на своето тело. Но морам да се согласам со популарното мислење дека се губи женственоста кога мускулатурата на женското тело е поголема. За мене, најидеално тело за девојка или жена е категоријата бикини-фитнес. Тоа е доволно за да се задржи женствениот изглед.

Какви жени те инспирираат?

Ме воодушевуваат девојки и жени кои имаат убав од (catwalk) и кои имаат правилно држење на телото, предност им давам на оние кои се занимаваат со балет. Би ги издвоил актерката Катерина Шехтанска и балерините Марија Крстевска и Никита Саботковска.

Велат дека денес сè поретки се џентлемените и дамите. Се согласуваш со тоа?

За жал, поретки се, се согласувам. И кај мажите и кај жените сè помалку е застапено достоинственото и љубезното однесување, но се наоѓаат и такви. Позитивно сум изненаден од една личност Стефанија, која се досети дека ме викаат чичко Драган и ми подари закачалка со изгравиран натпис „чичко Драган“, за да имам каде да ги ставам медалите. За мене, малите работи се најголеми.


Поврзани објави

Кои особини треба да ги поседува вистинската дама?

За жена дама ќе кажам само едно име: Моника Белучи. Жената треба да биде скромна, приземна и да има убави манири, тоа е доволно за мене. За жал, сметам дека денешниве млади девојки многу летаат во облаци.

Кои навики или начини на однесување кај жените те нервираат?

Во принцип ништо не ме нервира, само се оддалечувам од нив кога ќе видам колку е часот. Прво и најважно ми е домашното воспитување. Доколку го нема, тоа веднаш остава негативен впечаток. Мене може да ме освои што поедноставна и поприземна девојка. Искрено, не можам да прифатам силикони и ботокси. Како те направила природата – така. А што се однесува до телото, сметам дека треба да вежбаат и да се одржуваат. Сепак, тоа е добро за нивното здравје, нели?

Што сакаат жените?

Искрено, тешко прашање. Денешнава младина ретко знае што сака, ретки се тие што имаат стабилни врски. Сè друго е без чувства, врски без обврски и ништо повеќе. За жал, и љубовта се изгуби, а се изгуби и убавата енергија што секој треба да ја носи во себе.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ИНСТАГРАМ