Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес ги окарактеризира европските водачи кои го поддржуваат Киев како “мутирани џуџиња”, коментирајќи дека апелите за разрешување на украинската криза за нив се далечни, објави ТАСС.
“Во бајката, седумте џуџиња ѝ помагаа на Снежана, не ѝ се закануваа, не правеа гримаси и, што е најважно, не сакаа да ја доведат до страшната вештерка што сакаше да ја убие”, изјави Захарова во интервју за ТАСС, надоврзувајќи се на изјавата на поранешната австриска министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, која европските лидери на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп ги спореди со “седумте џуџиња”.
Захарова напомена дека на средбата со Трамп присуствувале “џуџиња од друга бајка и дека тие биле дел од системот што довел до обидот за атентат” врз американскиот лидер. Таа потенцираше дека овие лидери не се откажале од своите ултралиберални гледишта, активно му се спротивставувале на Трамп и го исмејувале, игнорирајќи ги неговите повици за решавање на украинската криза.
Портпаролката го опиша Трамп како “светла политичка фигура” со уникатен стил на дискусија, нагласувајќи дека е “кратковидо и погрешно” неговите изјави за Украина да се третираат површно или со потсмев. “Човек што преживеал обид за атентат и добил втора шанса постојано зборува за потребата од решавање на ситуацијата во Украина, земја со која нема директна врска. Тоа значи дека тој навистина сака да биде дел од решението”, рече Захарова, додавајќи дека неговите изјави заслужуваат сериозно внимание и претставуваат преседан за американската политика во последните децении.
Како што рече таа, ова вклучува одвојување на држави, народи, етнички групи според нивниот образец, “кој на модерно ниво го формулира високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жозеп Борел, зборувајќи за прекрасна градина во форма на златна милијарда и дивата џунгла на сите останати”. “Затоа тие секојдневно ја прекројуваат историјата. Ако продолжат со оваа политика, ќе се уништат себеси”, нагласи Захарова. Таа, исто така, укажа на фактот дека Западот отфрла сè што не се вклопува во концептот на либерална диктатура.
Захарова потсети и дека планот “Ост”, кој требало да го спроведе нацистичкиот водач Адолф Хитлер, вклучувал или поробување на словенските народи или нивно уништување. “Вие и јас, нашите предци, и соодветно на тоа, целата наша земја – да им служиме. Таму пишува дека Словените, од гледна точка на германскиот нацизам, се луѓе од втор ред и затоа можат да им служат само на луѓе од прва класа, односно на Ариевците, или се предмет на понатамошно уништување”, нагласи таа.
Таа појасни дека Германија не донела просперитет со освојување територии и уништување на други народи, туку со ослободување од нацизмот. Сепак, забележа таа, нацизмот повторно се родил, и покрај тоа што бил поразен. “Ако нацизмот во Германија сега повторно се воспостави во умовите и главите и му се даде можност да расте, нема смисла да се зборува за каков било просперитет за Германија – или за тоа дека таа ќе стане прогресивна сила, или за благосостојбата на Германија воопшто – или за иднината на германскиот народ воопшто”, заклучи Захарова.
ссм/фото: ЕПА архива