Извршниот одбор (ИО) на владејачкиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на седницата одржана синоќа, меѓудругото отворил дискусија за, како соопштија од партијата, аспектите отворени во јавноста за Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција. Двата предлог-закони, инаку, се непосреден повод за протестот што за в четврток го организира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), која во нив гледа загрозување на правото на веросиповед, редефинирање на целото општество и ограничување на слободата на говор.
„Врз основа на ова, Извршниот одбор одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение. СДСМ е партија која гради демократско општество, која силно е посветена на еднаквоста меѓу мажите и жените, која инвестира во меѓусебна толеранција, почитување на човековите права и слободи“,се наведува во соопштението на СДСМ од седницата на ИО.
Вториот заклучок се однесува на Законот за родова еднаквост, за кој од владејачката партија сметаат дека консултативниот процес треба да продолжи, со проширување на јавната дебата со сите засегнати страни.
„Извршниот одбор истакнува дека вредностите на СДСМ како социјалдемократска и граѓански ориентирана партија, почиваат на темелите на еднаквоста, солидарноста и социјалната правда. Извршниот одбор на СДСМ заклучи дека консултативниот процес за Законот за родова еднаквост треба да продолжи, да се прошири јавната дебата со сите засегнати страни и чинители, со цел доаѓање до решение во интерес на целото општество, пред законот да влезе во владина и собраниска процедура“, информираа од СДСМ по седницата.За заклучоците на ИО на СДСМ прашање од новинарите доби епископот Јаков Стобиски, кој говореше на денешната прес-конфренцијата на МПЦ-ОА, организирана во пресрет на најавениот протест. Прашан за коментар на одлуките на партијата и дали како црква МПЦ-ОА ќе учествува во јавната дебата, тој рече дека одлуката на ИО на СДСМ е за поздравување, иако станува збор за партиска одлука и дека сега на потег е Владата со сите нејзини механизми.