Почетна ЕкономијаЗаем од 15 милиони евра за подобрување на основното образование, одобрен од Комисијата за финансирање и буџет

Заем од 15 милиони евра за подобрување на основното образование, одобрен од Комисијата за финансирање и буџет

од nenad
3 минути читај за

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денес ја одобри поддршката за обезбедување на заем од 15 милиони евра како додатно финансирање, со што ќе се овозможи реализација на Проектот за подобрување на основното образование.

Предлог-законот за задолжување на државата преку заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, според Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, беше прифатен со девет гласа „за“, без гласови „против“ или „воздржан“.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, изјави дека заемот има период на враќање од 12 години, грејс период од три години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР со променлив распон. Ќе се отплаќа во 18 полугодишни рати, на 15 јуни и 15 декември секоја година, со средства од Буџетот.

Проектот започна во април 2021 година, а ќе го спроведува единица која веќе функционира за таа цел во рамките на Министерството за образование и наука (МОН). Министерството за финансии, во соработка со МОН, во декември минатата година достави до Светска банка барање за обезбедување дополнително финансирање во износ од 15 милиони евра, како дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, како и продолжување на крајниот рок за имплементација.

Државата, како заемопримач, има обврска да ѝ плати на Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка еднократна провизија од 0,25 проценти од вкупниот износ на заемот, како и провизија од 0,25 проценти од неискористениот дел на заемот на годишно ниво. Јанкуловски исто така нагласи дека се предлага крајниот рок за спроведување на проектот да биде 25 февруари 2027 година. Од вкупниот износ на заемот, кој изнесува 21.500.000 евра, процентот на повлечени средства заклучно со јули годинава е 94,27 проценти.

И покрај едногласната поддршка за законот, за време на дискусијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изнесоа спротивставени ставови за заслугите за проектот, како и за конкретните резултати во изградба и реконструкција на училишта. Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, забележа дека за истиот закон за задолжување за градење на училишта, сегашните пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ гласале против.

„Убава работа е што добиваме признание дека нешто што е направено претходно било добро и одлучиле да продолжат со спроведувањето. Во 2021 година кога е предложен ваков закон за задолжување за да се направат училишта истите пратеници што ќе гласаат денеска „за“ гласаа „против“, рече Битиќи. Тој исто така праша зошто нема листа со училиштата што ќе се градат и побара да се дебатира и за проекти од новата финансиска рамка на Светска банка од 700 милиони евра.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи зошто претходно биле против ова задолжување, наведе: „Ставот тогаш беше јасен – бидејќи овие заеми се земаа да се крадат и тоа ќе се докаже од обвинителството“. Стојановски потенцираше дека со средства од Владата ќе се финансираат училишта секаде во државата. Нагласи дека никој ништо не крие и оти седум нови училишта се градат само во последните 12 месеци, а 400 училишта се реконструирани во изминатите четири. „И образованието има огромна компонента во локалната самоуправа. Граѓаните ќе кажат дали се задоволни или не за овие 14-15 месеци како се управува државата“, рече Стојановски.