Почетна Убавина и здравје„Жената може да биде силна и грациозна истовремено“ – Убавина и здравје

„Жената може да биде силна и грациозна истовремено“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Симона Ристовска ни откри што сака и што не сака кај себе

За Симона, фитнесот одамна престанал да биде само физичка активност – за неа тоа е животен стил и начин на размислување. Доказ за нејзината посветеност во работата се резултатите на нејзините задоволни клиенти, кои благодарение на нејзините тренинзи, режими на исхрана и неизмерна поддршка, брзо успеваат да го постигнат телото од соништата.

Што ти дава најголема мотивација да продолжиш да се занимаваш со фитнес?

По секој тренинг чувствувам задоволство, мир и енергија, која ме придвижува низ целиот ден, и тоа чувство е незаменливо. Телото е нашиот дом, а фитнесот е најдобриот начин да се грижиме за него. Благодарение на вежбањето, имам подобар сон, побистар ум и посилен имунитет. Не можам да кажам дека не ме мотивира и надворешниот изглед. Кога ќе забележам дека трудот се исплател, тоа ми дава дополнителен поттик да продолжам со ова. Сепак, можеби мојот најголем двигател е личниот развој. Фитнесот не гради само мускули, гради и карактер. А кога ќе почувствувам дека инспирирам и други луѓе да направат позитивни промени во својот живот, тоа ми е најголемата награда.

Некои луѓе ги поврзуваат мускулите со недостиг на женственост…

Често слушам коментари од типот „само да не станам преголема“ или „не сакам да изгледам како маж“. Но вистината е сосема поинаква. Прво, биолошки жените немаат исто ниво на тестостерон како мажите, што значи дека мускулниот раст кај нас е далеку посуптилен и балансиран. За да се постигне навистина голема мускулна маса, потребни се години специфичен тренинг и исхрана. Но поважно е тоа што мускулите и женственоста не се спротивставени поими. Жената може да биде силна и грациозна истовремено. Наместо да се плашиме од мускули, треба да го прифатиме фактот дека силното тело значи силен ум, подобра кондиција, повеќе енергија и подобро здравје. На крајот на краиштата, секоја жена има право да одбере како сака да изгледа и да се чувствува.

Како изгледа твојата вообичаена рутина на вежбање?

Вежбам петпати неделно, два дена одморам и закрепнувам. Три дена работам на долниот дел од телото, со посебен акцент на обликување и зајакнување на задникот. Другите два дена ги посветувам на горниот дел, за пропорционална дефиниција.


Поврзани објави

Кои оброци ги содржи твоето дневно мени?

Денот ми започнува со детоксикација на телото и шолја црно кафе. Потоа, следува првиот здрав оброк, обично тоа е овесна каша со јаткасти плодови и бобинки или протеински палачинки. За ручек, претпочитам да имам балансиран оброк: немасен протеин како пилешко, риба или некое црвено месо, во комбинација со киноа, ориз или сладок компир и многу свежа салата. Попладневниот оброк ми е лесен, но хранлив – протеински шејк по секој тренинг. Вечерата ми е обично лесна и богата со протеини, на пример, риба на скара или јајца со зеленчук и салата.

Си имала ли период во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?

Како и секој човек, сум имала периоди кога сум се чувствувала несигурно поради одредени недостатоци. Но со текот на времето, сфатив дека фокусирањето на слабостите не носи ништо добро. Наместо тоа, почнав да работам на себе – и физички и психички. Фитнесот ми помогна да изградам самодоверба, не само преку изгледот, туку и преку дисциплината и напредокот што го гледав секој ден. Научив дека вистинската убавина произлегува од тоа како се чувствувавме во својата кожа.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Сакам што сум дисциплинирана, посветена и што никогаш не се откажувам од своите цели. Физички, сакам што моето тело е силно и здраво. А што не сакам? Понекогаш знам да бидам премногу самокритична и нетрпелива, но работам на тоа. Дали би променила нешто? Наместо да посакувам промени, се обидувам да се прифатам, но и да се усовршувам секој ден – и физички и карактерно.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА