Почетна Економијае-наука – нова дигитална платформа за македонските истражувачи

е-наука – нова дигитална платформа за македонските истражувачи

од nenad
2 минути читај за

Министерството за образование и наука ја стави во употреба новата електронска платформа е-наука, наменета за создавање единствен и јавно достапен регистар на истражувачи и научноистражувачки организации во земјава.

Преку порталот e-nauka.mon.gov.mk може да се следат податоци за истражувачите, нивното образование, научните звања, институциите во кои работат и областите во кои се активни. Платформата овозможува и увид во нивната научна продукција, преку поврзување со меѓународни системи како Web of Science, Scopus и Google Scholar.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска ги повика истражувачите од универзитетите, научните институции, институтите, МАНУ, но и независните истражувачи да се регистрираат во системот. Таа посочи дека платформата треба да обезбеди поголема видливост на македонската наука и полесно претставување на истражувачката работа пред домашната и меѓународната јавност.

Во електронскиот регистар досега се внесени податоци за 229 истражувачи. Покрај основните професионални информации, за нив се достапни и податоци за научните резултати, цитираноста и h-индексот, поврзани со глобалните научни бази.

Една од главните цели на платформата е да се олесни соработката меѓу научната заедница, компаниите и државните институции. Бизнис-секторот преку пребарувањето може полесно да пронајде истражувачи според конкретна област и да воспостави соработка за развој на нови производи, услуги и иновативни решенија.

Од МОН очекуваат платформата да биде корисна и за поврзување на домашните истражувачи со странски универзитети и истражувачки центри. На тој начин се отвора простор за заеднички научни проекти, аплицирање за меѓународни грантови и изработка на научни трудови со странски коавтори.

Според податоците што ги презентираше Јаневска, државното финансирање на научноистражувачката дејност во последните години е зголемено. Од 380 милиони денари во 2024 година, средствата достигнале 680 милиони денари во 2025 година, додека во буџетот за 2026 година се предвидени 773 милиони денари.

Паралелно се реализираат и проекти од национален интерес со вкупна вредност над 370 милиони денари, додека на научниот кадар му е обезбеден бесплатен пристап до меѓународните научни бази Web of Science и Scopus.

Со воспоставувањето на е-наука, целта е македонската научноистражувачка работа да стане повидлива, полесно достапна за потенцијални партнери и подобро поврзана со европските и светските научни текови.