Почетна ЕкономијаЕфекти од приемот на Хрватска во Еврозоната: Пораст на цените и инфлацијата, но и на БДП и платите

Ефекти од приемот на Хрватска во Еврозоната: Пораст на цените и инфлацијата, но и на БДП и платите

од nenad
4 минути читај за

Пристапувањето на Хрватска кон Еврозоната на 1 јануари 2023 година предизвика пораст на трошоците и повисока инфлација во споредба со претходниот период. Сепак, според аналитичарите, финансиските показатели покажуваат дека замената на куната со еврото во голема мера е успешна трансформација.

Минатата година, Хрватска беше меѓу државите од ЕУ со највисок степен на економски напредок од 3,8 проценти. Ова се должи пред се на позитивните резултати во туристичкиот сектор во услови на индустриско забавување низ Европа, додека невработеноста беше на рекордно ниско ниво од воведувањето на новата статистичка методологија за пресметка на стапката на невработени во земјата во 1996 година.

Понатаму, од воведувањето на еврото, платите во Хрватска се зголемија за над 30 проценти.

Овие резултати се поврзуваат и со високиот степен на искористување на ресурсите од Механизмот за закрепнување и отпорност. Според проценките на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, до истекот на неговата важност кон средината на следната година, Хрватска веројатно ќе ги искористи сите 4,5 милијарди евра од средствата предвидени за неа со овој инструмент на ЕУ наменет за справување со последиците од Ковид-19.

Во поголемиот дел од изминатата деценија, Хрватска имаше стапка на инфлација малку под просекот во Еврозоната, но пандемијата на Ковид во 2020 година предизвика повеќекратно зголемување, достигнувајќи над 13 проценти.

Денес, Хрватска е меѓу земјите од Еврозоната со највисока инфлација, но според експертите, првичните причини за тоа во голема мера не се поврзани со воведувањето на еврото.

Според професорот од Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Загреб, Петар Сориќ, Хрватска се приклучи кон Еврозоната во услови на сериозни инфлаторни тензии предизвикани од пандемијата на Ковид, кога стапката на инфлацијата во 2022 и 2023 година беше на највисоко ниво од почетокот на 90-тите години на минатиот век во време на распадот на поранешна Југославија. Во такви околности, според Сориќ, перцепцијата на граѓаните била дека високата инфлација и растот на цените се резултат на влезот на земјата во Еврозоната.

Сепак, според професорот од истиот Факултет, рече Фран Галетиќ, не треба да се занемари и влијанието на воведувањето на еврото врз растот на цените, посочувајќи го и примерот на Словенија каде во рок од 18 месеци од влезот на земјата во Еврозоната во јануари 2007 година, цените се зголемиле во просек за девет проценти.

Галетиќ потсетува дека со цел да ги смири стравовите од растот на цените, хрватската Влада издаде препорака до трговците да ги изразуваат цените и во евра и во куни во периодот од четири месеци пред влезот на земјата во Еврозоната, па се до јануари 2024. Сепак, според него, многу хрватски трговци ги зголемиле цените уште пред воведувањето на нивното двојно прикажување. Галетиќ посочува дека потрошувачките цени пораснале многу повеќе во 18-те месеци пред замената на куната со еврото, отколку по влезот на Хрватска во Еврозоната.

За да се справи со овој проблем, Владата во Загреб во текот на 2022 и 2023 година воведе ограничувања на цените на некои основни производи, но тоа не ги спречи поскапувањата. На почетокот на годинава и Хрватите се приклучија на акцијата за бојкот на супермаркетите што се организираше во повеќе земји од балканскиот регион поради растот на цените. Сориќ потенцира дека овие владини мерки пред се беа одговор на енергетската криза поттикната од руската агресија врз Украина, но многумина хрватски граѓани ги перципираа како реакција за амортизирање на последиците од воведувањето на еврото.

Според него, тешко е главните поттикнувачи на инфлацијата да се поврзат со воведувањето на еврото, па дури и индиректно.

Паралелно со растот на цените и инфлацијата, по влезот во Еврозоната, Хрватска забележа и економски раст, што во голема мера се должи на зголемените приходи од туристичкиот сектор кој придонесува со околу една петтина во вкупниот БДП на земјата. Овој раст во туризмот првенствено се должи на укинувањето на рестрикциите за патување во странство воведени за време на Ковид пандемијата, но и на растот на цените на туристичките услуги. Во последните три години, цените за туристичките услуги во Хрватска се зголемија за околу 50 проценти, што е далеку повеќе отколку во Шпанија или Грција, каде тие бележат раст за 15 до 20 отсто.

Сепак, според експертите, генерално преминот на заедничка европска валута на Хрватска и донел многу повеќе придобивки, отколку штети. Директорката на Одделот за европски прашања при Хрватската народна банка, Ана Шабиќ, смета дека замената на куната со еврото претставувала “целосно успешна приказна”. Според неа, само благодарение на намалените трошоци за финансиска размена и трансакции по влезот во Еврозоната, Хрватска заштедува по околу 160 милиони евра годишно. “Хрватска ги почувствува сите очекувани придобивки од членството во Еврозоната и покрај фактот што и се приклучи во многу предизвикувачки времиња”, вели Шабиќ, додавајќи дека суштинска заслуга за тоа имаат и “деталното и навремено планирање”, како и “јасната поделба на задачите и одговорностите меѓу вклучените институции”.

сп/са/ Фото: МИА Архива
Извор: МИА