Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес објави нов пакет спогодби со интернационалните финансиски институции во полза на напорите за рехабилитација и реконструкција на Украина, во вредност од 2,3 милијарди евра.
“ЕУ денес ја потврдува својата улога како најзначаен партнер на Украина. Не само како нејзин главен донатор, туку и клучен инвеститор во нејзината иднина”, изјави Фон дер Лајен во говор на Конференцијата за рехабилитација на Украина, која се одржува во Рим.
Според Фон дер Лајен, со постигнатите договори од 2,3 милијарди евра, ЕУ цели да привлече до 10 милијарди евра инвестиции за обновување на домовите и болниците, ревитализација на компаниите и обезбедување енергија за Украина.
“Ова е солидарност на дело. Украина секојдневно се приближува кон ЕУ – во енергетиката, образованието, роамингот и културата. Европа стои зад Украина и денес и утре”, додаде Фон дер Лајен.
Договорниот пакет, постигнат во рамките на Инвестициската рамка на Украина, обезбедува 1,8 милијарди евра гаранции за заеми и дополнителни 580 милиони евра грантови.
Целта на Конференцијата во Рим, која се одржува денес и утре, е да го задржи меѓународниот фокус кон рехабилитацијата на Украина, за време на војната и по неа. Таа е осмислена како платформа за усогласување на политичката помош и собирање на финансиски средства во поддршка на Украина.