Почетна ЕкономијаЕУ и KfW со милионска поддршка за модернизација на студентските домови

ЕУ и KfW со милионска поддршка за модернизација на студентските домови

од nenad
9 минути читај за

Реконструкцијата на студентските домови во Северна Македонија е дел од пошироката зелена трансформација поддржана од Европската Унија и германската развојна соработка, а вкупната финансиска рамка за проектот во моментов изнесува околу 85,56 милиони евра, со очекување конечната инвестиција да надмине 100 милиони евра.

Проектот предвидува реконструкција на девет студентски домови, подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на безбедноста и комфорот, како и примена на современи стандарди за објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија.

На настанот посветен на реализацијата на програмата беше истакнато дека инвестицијата не треба да се гледа само како градежен проект, туку како дел од долгорочниот процес на зелена транзиција и усогласување со европските стандарди.

ЕУ: Не се инвестира само во згради, туку во европската иднина на земјата

Стефано Елеро, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, посочи дека реконструкцијата е дел од пошироката Зелена агенда за Западен Балкан, која се темели на пет столба – декарбонизација, отпорност на климатските промени, циркуларна економија, дигитализација и заштита на воздухот, водата и почвата, заедно со одржлив прехранбен систем.

„На почетокот на седумгодишниот период, за Западен Балкан ги идентификувавме четирите приоритети кои на различни начини придонесуваат кон петте стратешки столба. Тоа се животната средина, чистата енергија, одржливиот транспорт и развојот на приватниот сектор“, рече Елеро.

Тој објасни дека Европската Унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) комбинира грантови со заеми, бидејќи големите инфраструктурни проекти не можат да се реализираат исклучиво со грант средства.

„Не станува збор само за тоа нешто да се изгради или обнови. Станува збор за реализација на инвестиции според прецизни критериуми и стандарди кои се целосно усогласени со стандардите на Европската Унија. Тоа воедно е и начин паралелно да се поттикнува процесот на европска интеграција“, истакна Елеро.

Според него, REEP веќе има значајни резултати на регионално ниво – опфатени се јавни инвестиции и околу 25.000 домаќинства, а годишната заштеда на енергија достигнува околу 7.700 мегават-часови.

„Тоа е приближно количината на енергија што ја троши половина Скопје во текот на една година. Значи, не станува збор за мала бројка“, нагласи тој.

Елеро посочи дека во Северна Македонија во моментов се реконструираат девет студентски домови, а 24 мали и средни претпријатија инвестирале во мерки за енергетска ефикасност. Дополнително, околу 4.500 домаќинства досега спровеле мерки за подобрување на енергетската ефикасност.

„Суштината не е само да се реализираат поединечни проекти тука или таму. Суштината е тие инвестиции да се поврзат со поширок процес кој подразбира унапредување на агендите, спроведување реформи, воведување меѓународни, а особено европски стандарди“, рече Елеро.

Тој додаде дека Европската Унија силно верува дека Северна Македонија има место во ЕУ.

„Порано или подоцна – се надевам, секако порано отколку подоцна – Северна Македонија ќе биде целосно дел од Европската Унија. Ние силно веруваме дека тоа е нејзината природна и заслужена иднина“, порача Елеро.

KfW: 60 милиони евра заеми и 22 милиони евра грантови

Оливер Јунгер, портфолио менаџер во Развојната банка KfW од Франкфурт, објасни дека проектот е резултат на комбинирано финансирање од повеќе извори.

„Станува збор за заем од 20 милиони евра во првата фаза и уште 40 милиони евра во вториот заем, потпишан во март оваа година. Вкупно, тоа се 60 милиони евра заеми, плус дополнителни средства во форма на грантови“, рече Јунгер.

Европската Унија обезбедува околу 22 милиони евра грантови преку програмата и Инвестициската рамка за Западен Балкан, додека Министерството за образование и наука учествува со речиси четири милиони евра од сопствениот буџет.

„Кога ќе се соберат сите средства, вкупната финансиска рамка изнесува околу 85,56 милиони евра“, посочи Јунгер.

Тој нагласи дека заемот не треба да се гледа само како финансиски товар, туку и како показател за доверба.

„Банката нема да позајми 60 милиони евра за проект за кој постои сомнеж дека средствата нема да можат да се вратат“, рече тој.

По реконструкцијата, објектите треба да ја намалат потрошувачката на енергија за повеќе од 50 проценти.

„Очекувам зградите практично сами да го отплатат вложувањето“, истакна Јунгер.

Проектот е поделен во повеќе фази. Првата опфаќа два студентски дома, втората започнува со еден објект и продолжува со уште шест згради, а дополнително се опфатени и ресурсни центри за деца со посебни потреби.

До 2031 година, според KfW, се очекува да бидат реновирани вкупно 16 објекти.

Особено внимание ќе се посвети на четири студентски дома кои ќе бидат реконструирани според стандарди за објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија, со користење и на експертизата на германскиот институт „Фраунхофер“.

„Тоа е потешко за проектирање, потешко за изградба и потешко за надзор. Но, токму тоа е пристапот што го избравме“, нагласи Јунгер.

Тој додаде дека до 2031 година резултатот нема да бидат само реконструирани објекти, туку и зајакнати институционални капацитети.

Девет студентски домови во три фази

Реконструкцијата ги опфаќа домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, „Никола Карев“ во Охрид, „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Битола, „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“ во Скопје.

Кај „Кузман Јосифовски-Питу“ реконструкцијата започна во април 2024 година, додека работите на „Стив Наумов“ започнаа во септември истата година.

За четири објекти – „Никола Карев“ во Охрид, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, „Браќа Миладиновци“ во Штип и „Томе Стефановски-Сениќ“ во Скопје – предвидена е реконструкција до стандард близок до nZEB.

Предвидени се нови електрични инсталации, водовод и канализација, системи за греење, замена на покриви и столарија, надворешна термоизолација, како и уредување на собите и санитарните јазли.

Над 100 милиони евра очекувана конечна инвестиција

Според презентираните податоци, во моментов се обезбедени 85,56 милиони евра, додека досега се исплатени околу 12,3 милиони евра. Очекуваната крајна инвестиција е над 100 милиони евра.

Во финансиската конструкција се вклучени 40 милиони евра од вториот KfW заем, 20 милиони евра од првиот заем, 10,17 милиони евра грант преку WBI RGF, 6,75 милиони евра преку WBIF REEP Plus II, 4,785 милиони евра преку WBIF REEP Plus I и дополнителни национални и други средства.

Роберт Шарламанов од KfW посочи дека подолгото времетраење на проектот е резултат на комплексноста на процедурите, особено имајќи предвид дека имплементацијата започнала во 2021 година, во услови на пандемија.

„Не финансираме само една зграда. Финансираме програма и нејзини одделни фази“, објасни Шарламанов.

Тој посочи дека секоја фаза бара подготовка на проектна документација, тендер, склучување договор, надзор и ревизија пред да се премине на следниот објект.

Според презентираната динамика, првиот тендер ги опфаќа два студентски дома и е во завршна фаза, вториот се однесува на четири дома и е во фаза на тендерирање, додека третиот опфаќа три дома, за кои тендерската документација е подготвена за преглед.

REEP – речиси една милијарда и осумстотини евра инвестиции во регионот

Бојана Вукадиновиќ, координаторка на REEP, посочи дека Регионалната програма за енергетска ефикасност е воспоставена во 2013 година и опфаќа инвестиции во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија во целиот Западен Балкан.

Програмата се реализира во партнерство со Европската Унија, KfW, меѓународни финансиски институции и други донатори.

„Средствата од донаторите, односно грантовите, се комбинираат со кредити кои ги обезбедуваат партнерските финансиски институции за реализација на проектите“, објасни Вукадиновиќ.

Програмата ги опфаќа градовите и општините, малите и средните претпријатија, јавните институции и други јавни и приватни субјекти.

До денес, преку REEP се обезбедени речиси една милијарда евра за реализација на различни проекти во регионот.

МОН: Целта не е само енергетска заштеда

Дамјан Стојковски од Министерството за образование и наука и Единицата за спроведување на проектот истакна дека крајната цел е подобрување на секојдневниот живот на студентите.

„Не станува збор само за тоа колку енергија ќе заштедиме, туку какви услови ќе им обезбедиме на младите луѓе во објектите во кои поминуваат значаен дел од своето секојдневие“, рече Стојковски.

Тој посочи дека кај старите објекти постојат непредвидливи конструктивни и технички предизвици, поради што проектот бара сериозна координација меѓу институциите, стручните организации и партнерите.

„Сакаме да инвестираме во образовната инфраструктура, не само таму каде што е најлесно да се инвестира, туку таму каде што е најпотребно“, нагласи Стојковски.

Според него, успехот на проектот нема да се мери само со бројот на реконструирани објекти.

„Ќе го мериме според тоа дали студентот кој живее во студентскиот дом има подобри услови за живот, дали ученикот има подобри услови за учење, дали наставниците имаат подобри услови за работа и дали државата добива квалитетни, енергетски ефикасни и одржливи објекти кои ќе можат да ги користат и идните генерации“, рече Стојковски.

„Кузман Јосифовски-Питу“ со инвестиција од 11,1 милиони евра

Еден од позначајните проекти е реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје.

Објектот е изграден во 1957 година, има нето површина од околу 7.958 квадратни метри и во него ќе престојуваат околу 286 студенти. Вредноста на договорот за реконструкцијата изнесува 11,1 милиони евра.

Предвидено е подобрување на конструктивната стабилност, особено во однос на сеизмичката безбедност, како и целосно унапредување на противпожарната заштита.

Проектот предвидува противпожарни прегради, јасно дефинирани евакуациски патеки, детектори за чад, материјали отпорни на пламен, внатрешни и надворешни хидранти и противпожарни апарати.

Посебно внимание е посветено и на просторните стандарди. Еднокреветните соби треба да имаат најмалку 10 квадратни метри, двокреветните најмалку 15, а трокреветните минимум 18 квадратни метри.

Предвидено е ниту една соба да нема повеќе од три студенти, односно четири средношколци.

Нови кујни, санитарни простории и подобра пристапност

Реконструкцијата опфаќа и целосно обновување на големите кујни и кантините.

Ќе се постават нови електрични и машински инсталации, системи за вентилација и аспирација, противлизгачки подови, нови системи за одводнување, температурно отпорни цевки, сепаратори за масло и подни решетки од нерѓосувачки челик.

Предвидено е применување на HACCP стандардите за да се обезбедат повисоки хигиенски и безбедносни услови при подготовката и дистрибуцијата на храната.

Дополнително, проектот предвидува подобра пристапност преку соодветни санитарни простории, лифтови и платформи таму каде што се потребни.

Слободни студентски места и стандарди

Теодора Михајловска од IC Consulenten истакна дека целта на реконструкцијата е со внимателно планирање да се постигне максимален ефект за студентите.

Како пример го посочи објектот кај кој капацитетот треба значително да се зголеми.

Според неа, студентските домови треба да престанат да бидат само места за сместување и да станат современи простори за учење, дружење и студентски активности.

Таа посочи дека посебно внимание се посветува и на безбедноста – евакуациските патишта, скалите, противпожарната опрема и останатите технички решенија треба да бидат усогласени со современите стандарди.

6.400 тони помалку CO₂ годишно

Очекувањата од програмата се значајни и од аспект на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина.

Според податоците презентирани од KfW, се очекува годишно намалување на потрошувачката на енергија, просечно намалување на енергетските потреби за повеќе од 50 проценти и намалување на емисиите на јаглерод диоксид за околу 3.400 тони годишно.

Реконструкцијата на студентските домови, со тоа, треба да донесе двоен ефект – значително подобри услови за студентите и долгорочно намалување на трошоците за енергија и одржување.

Од европска перспектива, проектот е дел од пошироката зелена трансформација на Западен Балкан, додека за Северна Македонија претставува инвестиција во образовната инфраструктура, енергетската ефикасност и подобар студентски стандард.