Следната недела, Европската комисија ќе ги одобри мерките за возвраќање како одговор на американските давачки за увоз на алуминиум и челик. Одлуката за воведување царини за автомобили и за реципрочните давачки од 20 проценти за голем број производи ќе биде донесена по анализа и консултации со земјите-членки.
Од 12 март, одлуката за воведување тарифи од 25 проценти за увоз на алуминиум и челик во САД од целиот свет е во сила, а од 3 април, исто така, 25 проценти за сите возила и делови кои не се произведени во САД.
На 2 април, американскиот претседател Доналд Трамп прогласи трговска војна на целата планета и најави реципрочни царини, минимум 10 проценти за сите, а уште повисоки давачки за околу 60 земји, кои ќе стапат на сила од среда, на 9 април. Тој воведе давачки од 20 проценти за Европската унија и 34 проценти за Кина. Останува нејасно дали објавените тарифи ќе останат трајни или се дел од стратегијата за добивање отстапки. Трамп изјави дека царините ќе му дадат „голема преговарачка моќ“.
До средината на минатата недела, Комисијата разговараше со земјите-членки за решенија за американските давачки за челик и алуминиум. Се очекува одлуката да биде донесена во среда и да стапи на сила на 15 април. Комисијата може да донесе решение доколку квалификувано мнозинство не се спротивстави на тоа (55 проценти од земјите-членки кои претставуваат најмалку 65 проценти од вкупното население на ЕУ). Во случај да нема квалификувано мнозинство ниту за, ниту против предлогот, Комисијата може самостојно да донесе одлука.
Комисијата објави пропорционален одговор до 26 милијарди евра, што одговара на економскиот опсег на американските тарифи.
Во однос на мерките за одмазда на американските царини за автомобили и автоделови и за реципрочните давачки од 20 проценти, Комисијата укажува дека нема да избрзува и дека сака сеопфатно да анализира. Комисијата го базира својот пристап на три елементи: преговори, мерки за возвраќање и трговска диверзификација. Таа сака преку разговори да се обиде да најде разрешница за неоправданите и штетни давачки. Доколку тоа не е можно да се реши преку преговори, ќе следат контрамерки.
„По одлуката на американската администрација да воведе сеопфатни давачки за стоки од Европската унија, ЕУ ќе одговори смирено, внимателно и постепено и пред сè единствено, додека ние го калибрираме нашиот одговор. Сакаме да им дадеме на преговорите секоја шанса да се најде фер договор, во корист на двете страни“, изјави комесарот за трговија, Марош Шефчовиќ.
Комисијата не сака да открие какви чекори би можела да преземе и нагласува дека „се е на маса“. „Сите опции се на маса и не сакаме да шпекулираме што ќе правиме“, изјави висок функционер на Комисијата кој сакаше да остане анонимен. Притоа ќе се внимава евентуалните мерки за одмазда да бидат што поболни за САД, а во исто време да и донесат што помала штета на Европа, односно да се воведат давачки за американските производи за кои постои алтернатива.
„Нема да воведеме тарифи за производи што не ги произведуваме, додека Американците воведоа тарифи, на пример, за кафе или банани, кои тие воопшто не ги произведуваат“, изјави неименуван претставник на Комисијата. Тој додаде дека Европејците имаат алтернативи, на пример за мотоцикли Harley Davidson, фармерки Levi’s или соја.
Според првите проценки на Комисијата, реципрочните давачки од 20 проценти се однесуваат на околу 290 милијарди евра европски извоз во САД, што на Американците би им донело приход од 58 милијарди евра. На автомобили и автоделови што ЕУ ги извезува во вредност од околу 66 милијарди евра, приходот од давачка од 25 проценти би изнесувал 16,5 милијарди евра, додека на извозот на алуминиум и челик во износ од 26 милијарди евра, приходот од давачки би изнесувал 6,5 милијарди евра.
Комисијата има ексклузивна јурисдикција над надворешната трговија и земјите-членки не можат директно да преговараат со администрацијата на Трамп.