Државната компанија „ЕСМ дистрибуција на топлина“ најавува дека во најкраток можен рок ќе ги остранат цевките од топловодот под мостот „Беласица“ кои беа опожарени во пожарот кој избувна на мостот пред повеќе од еден месец.Почетокот на активностите за санација на опожарениот топловод, вела од компанијата, е поврзан со завршување на сите дејствија и проверки на состојбата на мостот од страна на вклучените релевантни институции и компании. „’ЕСМ дистрибуција на топлина’ ќе вложи максимални напори за отстранувањето на опожарениот топловод на мостот да се заврши во најкраток можен рок“, информираат од компанијата .
Оттаму нагласуваат дека и покрај опожарувањето на мостот „Беласица“ следната грејна сезона која почнува во октомври 2023 година ќе има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на диструбитивната мрежа.
Големиот пожарот на мостот „Беласица“, кој е една од клучните сообраќајници преку реката Вардар се случи на 12 мај.Мостот беше веднаш затворен се додека не се истражи – дали е безбеден и, ако не, што треба да се направи за да се поправи.Градските власти соопштија дека е избрана фирма која треба да направи експертиза за состојбата на мостот, но и по повеќе од 20 дена сè уште не е познато до каде е таа, што е утврдено и кога мостот повторно ќе биде пуштен за сообраќај, а околу ова прашање во деновиве се појавија контрадикторни информации.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во гостување на ТВ Сител викендов рече дека денеска треба да ја добие експертизата и дека по брзото и едноставно санирање на штетите, мостото ќе биде ставен во употреба уште следната недела.Човекот кој ја прави анализата, професорот и поранешен директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, а сега директор на приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, Михаил Гаревски вели оти извештајот ниту е готов, ниту мостот може толку бргу да се пушти во употреба.