Почетна ТехнологијаЕК: Скопје и Софија ја потврдија посветеноста за изградба на Коридорот 8

ЕК: Скопје и Софија ја потврдија посветеноста за изградба на Коридорот 8

од nenad
5 минути читај за

Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност за продолжување на изградбата на железничкиот Коридор 8, соопшти Генералниот директорат за соседски прашања и преговори за проширување на Европската комисија, соопшти Европската комисија.

Во Брисел се одржа средба меѓу службениот заменик-министер за транспорт и врски Бисер Минчев од бугарска страна, државниот секретар во Министерството за транспорт на Северна Македонија Стефан Волкановски, директорот за железничка инфраструктура во Северна Македонија, Синиша Ивановски, како и претставници на Европската комисија, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница.

Двете страни се договорија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8, а надлежните Министерства да работат на изнаоѓање договорено техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од коридорот – се вели во соопштението кое го цитира бугарската агенција.

Забележано е дека коридорот е важна железничка врска за целиот регион и ЕУ. Тоа ќе доведе до побрзо патување за стоки и патници, подобрување на пристапот на пазарот и конкурентноста во Западен Балкан. Комисијата ја поздравува реафирмацијата на посветеноста на двете земји како подготвеност за регионална соработка – суштинска за иднината на двете земји.

Македонија не се откажува од поврзувањето со пруга кон Бугарија, но не може да се прифати реализација на проект којшто завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект, ниту пак има извесносот од бугарската страна дека се преземаат активности за железничко пооврзување, беше потенцирано од претставниците на македонската делегација. Единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји и Македонија и Бугарија заеднички да извршат пробивање на тунелот, со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа. Мора да има нов повик кој би бил заеднички проект спроведен од Македонија и Бугарија сè со цел во исто време да се гради пругата, во духот на добрососедството. Исто така мора да се ревидира и цената бидејќи сметаме дека е превисока, соопшти македонското Министерство за транспорт и врски за ставот кој го држела македонската делегација на состанокот во Брисел.

Од таму додаваат дека на состанокот од страна на претставниците од Бугарија е истакнато дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но е изразена подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.

Македонската влада е силно посветена на изградба на нова железничка мрежа во земјата и водејќи се од севкупниот економски развој и регионалното поврзување, а во духот на евроинтегративниот процес и потребата од модернизација и доизградба на европските транспортни коридори, останува целосно посветена на изградба на источниот дел на железничкиот Коридор 8. Тоа всушност го докажува и континуираниот процес на изградба на првата и втората фаза од пругата на Коридор 8, соопшти Министерството.

На средбата присутните претставници од двете страни се договориле да остварат уште една работна средба на крајот на овој месец со детали околу заедничката реализација на овој проект. Источниот дел од Коридорот 8 ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – Источномедитеранскиот европски коридор. Со финансиска помош на ЕУ за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги подобруваат постојните линии и ги градат врските што недостасуваат долж коридорот – објаснуваат од Комисијата.

Важноста на коридор 8
Железничкиот коридор 8 ја формира внатрешната врска исток-запад помеѓу Црното и Јонското Море, поминувајќи преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициското кофинансирање според Економскиот и инвестицискиот план, во Северна Македонија и Албанија се надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж коридорот за да се отстранат тесните грла, да се скратат физички растојанија, да се зголеми поврзаноста и да се превезуваат повеќе патници и товар до одржливи начини на транспорт. Реформските мерки ги придружуваат овие инвестиции за подобрување на конкурентноста на железничкиот сектор, нагласува Европската Комисија.

Вкупната должина на пругата во Северна Македонија и Албанија е 594,7 километри и проектот се проценува дека ќе чини 2,1 милијарди евра. Најголем дел отпаѓа на Северна Македонија, 1,8 милијарди, каде вкупната должина на пругите е 262,8 километри, додека проектот Албанија ја чини 357 милиони евра за изградба на 153,8 километри. Европската Унија одобри грант од 367.6 милиони евра, од кои 302,6 милиони евра за Северна Македонија, а 65 милиони евра за Албанија.

Источниот дел од Коридорот 8 кој ги поврзува Северна Македонија со Бугарија е дел од Источномедитеранскиот европски коридор и важен проект на Глобалната порта на ЕУ.Тоа пак претставува понуда на Европа за поврзување на светот преку поттикнување јавни и приватни инвестиции во глобална мрежа на транспортни и снабдувачки синџири, зелена енергија, модерни телекомуникации, образование и истражување. Во транспортниот сектор промовира инфраструктурни инвестиции кои создаваат одржливи, паметни, еластични, инклузивни и безбедни начини на транспорт и поддржува мрежи кои обезбедуваат поврзување со Трансевропската транспортна мрежа.

Според податоците на Европската комисија статусот на пругата Крива Паланка – граница со Бугарија во должина од 23,4 километри е во фаза на изработка на проект, додека пругите Бељаковце – Крива Паланка (34 километри) и Куманово – Бељаковце (30,8 км.) се во изградба. Во фаза на подготовка се пругата Скопје – Кичево (102,6 км), Кичево – Струга (50 км) и Струга – Лин, Албанија (22 км.). Албанската страна има три делници кои се во фаза на подготовка: од македонска граница до Лин (10,3 км.), Лин – Рогожина (110 км) и Драч – Рогожина во должина од 33 километри.