Почетна ЕкономијаЕкономски факултет во Прилеп прослави 65 години работа и создавање кадри за стопанството

Економски факултет во Прилеп прослави 65 години работа и создавање кадри за стопанството

од nenad
2 минути читај за

Во рамките на свечената академија по повод 65-годишниот јубилеј на Економскиот факултет во Прилеп, заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, истакна дека е неопходно да се креираат модерни политики и да се изгради економија која ќе биде конкурентна, одржлива и насочена кон идните генерации.

Во обраќањето пред професорите, студентите и гостите на одбележувањето, Јанкуловски потенцираше: „Да создадеме стручни и компетентни кадри, кои не само од амфитеатрите, ќе учат и од практиката за да ги унапредиме јавните финансии, и развиваат институции кои ќе работат транспарентно, отчетно и во вистински интерес на граѓаните“.

Јанкуловски исто така најави дека владата ќе работи на зголемување на платите на наставниот и другиот кадар, на зголемување на фондот за наука, за поттикнување на научно-истражувачката работа и на подобрување на студентскиот стандард. Тој додаде: „Трудот, посветеноста, знаењето создаваат резултати кои ја движат нашата држава напред и ја отвораат вратата од нови можности и подобра иднина“.

Деканката на Економскиот факултет, Драгица Оџаклиеска, информираше дека досега на овој факултет дипломирале 7751 студент, магистрирале 667 студенти, а 104 студенти се стекнале со докторат на науки. Таа нагласи: „Наставно-образовниот процес ги следи современите трендови во развојот на науката во земјата и светот и секогаш се грижи да биде во функција на студентите, на бизнис секторот и на пошироката општествена заедница“.

Ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Игор Неделковски, подвлече дека Економскиот факултет е најстарата образовна институција во рамките на Универзитетот. Тој рече: „Минатата година Универзитетот го прослави  големиот јубилеј – еден век постоење на Институтот за тутун во Прилеп, прва научна членка на универзитетот, а економскиот факултет е најстарата образовна установа на Универзитетот. Силата на овој, и на секој факултет, е во неговите студенти. Преку нив факултетот има силни врски со заедницата, невладиниот сектор и, што е најважно, со бизнис секторот“.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, истакна дека Економскиот факултет има големо влијание врз развојот на градот, додавајќи: „Факултетот е вистински столб на образованието, науката, економскиот развој и не само во Прилеп, туку и во регионот и државата“.

На свечената академија, Економскиот факултет додели благодарници на поединци и институции, претежно од бизнис секторот, со кои има воспоставена соработка.