Со Маја разговаравме за самодовербата, за прифаќањето на себеси и сопственото тело
Пријатно изненадување беше нејзиното неодамнешно враќање на модната писта, иако редовно можеме да ја видиме во разни рекламни кампањи. Маја Костовска ни призна дека дури и по 10 години активно и не толку активно уживање во ова хоби, сè уште нема оформено јасна слика за стандардите околу изгледот на манекенките:
„И денес, како и тогаш, одбивам да верувам дека за да се појавиш на писта, доволно е да имаш висина, тенка половина и желба да бидеш манекенка. Не оспорувам дека треба да постои придржување кон одредени критериуми за да има логична селекција, но кога некој ти доверува да носиш негова креација на писта, тоа има многу поголемо значење. Лично јас отсекогаш отскокнував малку од поставените критериуми, но ставот, љубовта и, пред сè, автентичноста, беа препознаени и уважени од луѓето во оваа бранша.“
Со оглед на тоа што Маја влегла во светот на модата на 15-годишна возраст, справувањето со наметнатите стандарди и искривената слика за совршенство ѝ претставувало голем предизвик:
„Голема улога во тој период играше мојот карактер кој отсекогаш им се противел на сите шаблони на однесување, изглед или друштво. Така успеав да си изградам свој став и бариера, која ме заштити од неубавата страна на таа средина и до денес се обидувам да правам разлика меѓу добронамерните конструктивни критики и некорисните совети.“
Маја конечно може да каже дека сега се чувствува удобно во своја кожа и целосно се прифаќа себеси и своето тело:
Поврзани објави
„Допрва ќе се соочувам со знаците на стареење, но кога ќе достигнеш некаква зрелост, и тоа го прифаќаш како неизбежен процес и не дозволуваш да ти влијае негативно. Сметам дека мојата генетика и тоа што сум здрава и витална се доволни за да бидам благодарна, а промена сака и може да направи секој. Промената кај мене е тоа што конечно си ги погодив активностите што ми одговараат и успеав да задржам некаков континуитет.“
А кога станува збор за самодовербата, Маја нагласува дека тоа е лична битка:
„Единствената конкуренција на овој свет сте си вие самите и не постои совршеност. Токму несовршеностите нè прават различни, а тоа денес е реткост. Фокусирајте се на менталното и физичкото здравје, бидејќи само така ќе бидете задоволни од тоа што го гледате во огледало. А доколку и покрај сето тоа не сте прифатени во некој средина, не менувајте се себеси – сменете ја средината.“
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: Приватна архива