Од денес до 30 септември, Европската недела на спортот ќе биде прославена во нашата држава преку разновидни спортски и рекреативни активности.
Како дел од европската иницијатива за промовирање на спортот и физичката активност – European Week of Sport (EWoS), земјава и оваа година активно ќе придонесе во реализацијата на проектот преку низа настани со кои ќе се пренесе пораката за здрав и динамичен живот.
Свеченото отворање на манифестацијата ќе се случи денес во 17 часот во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје.
Првиот дел од програмата ќе биде обележан со атлетски трки за сите возрасни категории, велосипедски натпревари, екипни спортови и игри, забавна програма, фитнес и рекреативни работилници, како и активности наменети за деца и семејства.
Вториот настан во рамките на Европската недела на спортот ќе се одржи в петок на Средно Водно и ќе вклучува отворени спортски пунктови со тренинг зона, натпревари во баскет 3х3 и фудбал 3х3, како и рекреативно искачување до врвот на Водно.
Активностите ќе кулминираат на 27 септември со настанот BeActiv Night на Кеј Македонија во Охрид, кој ќе понуди натпревари во баскет 3х3, ракомет, пинг-понг и стрелаштво, фитнес и аеробик зона, доделување награди и прогласување на победниците.
„Оваа година е особено значајна во реализацијата на проектот бидејќи се одбележува една декада од оваа инцијатива на Европската комисија која инспирира илјадници луѓе да бидат активни и да ја почувствуваат енергијата на спортот и на заедништвото“, велат од Министерството за спорт.
Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија, насочена кон мотивирање на физичка активност, рекреација и здрав начин на живот кај граѓаните од сите генерации.
МИА