Европската комисија прогнозира дека економијата на Србија годинава ќе порасне за 2,8 проценти, а следната година растот дополнително ќе забрза и ќе достигне 3,9 проценти, поттикнат од јавните инвестиции, растот на платите и подготовките за меѓународната изложба EXPO 2027 во Белград.
Според најновите пролетни економски прогнози на Европската комисија, домашната побарувачка ќе биде главен двигател на растот, особено поради засилените инфраструктурни проекти и инвестиции поврзани со програмата „Скок во иднината – Србија 2027“.
Комисијата оценува дека српската економија минатата година забележала значително забавување, при што растот се намалил на два проценти, во споредба со 3,9 проценти претходната година. Дополнително, нето странските директни инвестиции биле речиси преполовени.
Во извештајот се наведува и дека фискалниот дефицит привремено ќе се зголеми на 3,2 проценти од БДП во 2026 година. Причина за тоа, според анализите, е одлуката на владата да ги намали акцизите за горивата како одговор на кризата и тензиите на Блискиот Исток.
Се очекува и благо зголемување на јавниот долг, кој следната година би достигнал околу 45 проценти од бруто-домашниот производ.
Европската комисија проценува дека инвестициите поврзани со EXPO 2027 ќе имаат клучна улога во забрзувањето на економската активност во Србија, особено во делот на инфраструктурата, градежништвото и услугите.
Во однос на регионот, прогнозите покажуваат дека Албанија ќе има економски раст од 3,3 проценти, Северна Македонија 3,2 проценти, Црна Гора 2,8 проценти, додека Босна и Херцеговина се очекува да забележи раст од 1,8 проценти.