Истражувањето открива дека повисокиот индекс на телесна маса ја намалува смртноста кај заболените од деменција, но и покрај тоа, дебелината останува сериозен здравствен ризик
Луѓето со прекумерна телесна тежина или дебелина во моментот кога им е дијагностицирана деменција би можеле да имаат поголеми шанси за подолг живот во споредба со пациентите со нормална телесна тежина.
Според резултатите од една студија, ризикот од смртен исход кај оваа група бил од 16 до 27 отсто помал. Сепак, истражувачите предупредуваат дека овие наоди не треба да се сфатат како причина за намерно зголемување на телесната тежина, бидејќи поврзаноста меѓу двете појави не значи дека вишокот килограми директно го продолжува животот.
Истражување што траело две децении
Опсежната студија, која ја испитувала поврзаноста меѓу телесната тежина и очекуваниот животен век кај лицата со деменција, ја спровеле истражувачи од Школата за јавно здравје „Мејлман“ при Универзитетот Колумбија и Универзитетот во Њујорк, САД.
Истражувачите анализирале податоци за 4.523 Американци на возраст од 51 година и повеќе, чие здравје било следено во периодот од 1998 до 2022 година. На почетокот на истражувањето учесниците биле здрави, но со текот на времето развиле деменција.
Резултатите покажале дека прекумерната телесна тежина, односно индексот на телесна маса (ИТМ) од 25 до 29,9, била поврзана со 16 отсто помал ризик од смрт по поставувањето на дијагнозата.
Кај пациентите со дебелина од прв степен (ИТМ од 30 до 34,9), ризикот од смрт бил помал за 27 отсто, додека кај оние со умерена до тешка дебелина (ИТМ од 35 и повеќе) бил помал за 22 отсто.
Поврзани објави
Оваа поврзаност останала присутна и по земањето предвид фактори како возраста, пушењето, полот и постојните хронични заболувања. Резултатите биле објавени во научното списание Journal of Alzheimer’s Disease.
Зошто луѓето со поголема телесна тежина можат да живеат подолго?
Од физиолошка гледна точка, забележаниот ефект се објаснува со фактот што масните резерви и мускулната маса претставуваат важен извор на енергија за организмот.
Како што напредува деменцијата, кај пациентите може да се намали апетитот поради промените во мозокот, а тие постепено може да ја изгубат и способноста самостојно да се хранат. Тоа може да доведе до недоволен внес на хранливи материи и исцрпеност. Во такви околности, енергетските резерви и хранливите материи во организмот можат да му помогнат полесно да се справи со последиците од болеста.
Истражувачите провериле и дали забележаниот заштитен ефект можеби е резултат на таканаречена пристрасност при набљудувањето (observational bias). Причината е тоа што пациентите со деменција често почнуваат да губат телесна тежина дури и до 10 години пред да им биде поставена дијагнозата.
Деталната анализа потврдила дека поврзаноста меѓу поголемата телесна тежина и подолгото преживување не може да се објасни само со ваквата пристрасност во податоците.
Сепак, дебелината во средните години од животот и понатаму претставува значаен фактор на ризик, кој ја зголемува веројатноста за развој на срцеви заболувања, дијабетес и деменција.
Од друга страна, телесната тежина во моментот на поставувањето на дијагнозата може да биде важен показател за лекарите, бидејќи им помага да ја проценат прогнозата и да утврдат на кои аспекти од исхраната на пациентот треба да им посветат посебно внимание.