Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ќе одобри кредит од 500 милиони евра на украинската државна гасна компанија Нафтогас (NAK) за финансирање на итни набавки на гас, со цел да се зајакне енергетската сигурност на државата, која оваа година е сериозно загрозена од повторените насочени руски напади. Ова претставува најголемиот поединечен заем што Банката го има одобрено во Украина.
Заемот со револвинг структура е поткрепен со гаранција од Европската Унија, која покрива 90 проценти од сумата, во рамките на Инвестициската рамка за Украина – механизам кој е фокусиран на обезбедување средства за заздравување и долгорочен развој на земјата.
Оваа нова финансиска помош доаѓа по интензивните руски напади врз капацитетите за производство и преработка на гас на Нафтогаз во првата половина од 2025 година, кои предизвикаа значителни загуби во производството и ја зголемија потребата за увоз на гас додека компанијата ги санира оштетените објекти.
Ова е четвртиот пакет на финансирање што ЕБРД го доделува на Нафтогас од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година. Со овој кредит, вкупната поддршка на Банката за компанијата достигнува 1,6 милијарди евра – од кои 1,27 милијарди евра се во заеми, а 330 милиони евра се донации обезбедени од Норвешка преку ЕБРД.
Трансакцијата, исто така, ќе ги поддржи реформските цели од претходната соработка со ЕБРД, при што Нафтогас работи на интегрирање на украинскиот гасен пазар со пазарот на ЕУ. Компанијата ќе набавува природен гас на конкурентен начин од 30 претходно квалификувани добавувачи, според стандарди на Европската федерација на трговци со енергија.
ЕБРД е најголемиот институционален инвеститор во Украина и од почетокот на војната има инвестирано повеќе од осум милијарди евра во земјата, се наведува во денешното соопштение од оваа институција. Петте приоритети на Банката во Украина се енергетска безбедност, витална инфраструктура, безбедност на храната, трговија и приватен сектор.
Инвестициската рамка за Украина е дел од механизмот „Фонд за Украина“ на ЕУ во вредност од 50 милијарди евра, наменет за привлекување јавни и приватни инвестиции за заздравување и реконструкција. Рамката располага со финансиски инструменти во износ од 9,3 милијарди евра – 7,8 милијарди во гаранции за кредити и 1,5 милијарди во комбинирано финансирање – со цел да се мобилизираат 40 милијарди евра за обнова, реконструкција и модернизација на Украина.
ссм/фото: архива. Извор: МИА