Почетна ЕкономијаДурмиши во Женева: Дигиталната писменост, развојот на вештини и работничките права се национален приоритет

Дурмиши во Женева: Дигиталната писменост, развојот на вештини и работничките права се национален приоритет

од nenad
2 минути читај за

Во Северна Македонија, присутни сме на почетокот на забрзаниот развој на платфорската економија. За многу наши сограѓани – особено младите – дигиталните платформи овозможуваат влез на пазарот на трудот, честопати давајќи заработка каде што класичните работни места може да бидат оскудни.

„Студенти, фриленсери, возачи за достава, креатори на содржини – сите тие стануваат дел од оваа нова дигитална работна сила“, изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши во неговото денешно обраќање на 113-тата сесија на Меѓународната конференција за труд во Женева, организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Дурмиши ја подвлече важноста на темата за достоинствена работа во контекст на платфорската економија, потенцирајќи дека ова прашање станува сѐ поприсутно поради брзата дигитална преобразба на пазарот на трудот.

„Во земјава, платфорската економија веќе дава можности за вклучување на младите и ранливите групи во пазарот на трудот. Сепак, работниците на дигиталните платформи често остануваат без формални договори, здравствено осигурување, пензиски придонеси и основни работнички права.“

„Затоа, Владата започна опширен и инклузивен дијалог со сите засегнати страни со цел да се создадат правни и политички решенија кои ќе овозможат социјална и економска заштита, без притоа да се загрози иновацијата. Ќе го преиспитаме нашето трудово законодавство со јасна намера: да ги прошириме правата и заштитата на работниците кои моментално се надвор од традиционалните рамки. Во исто време, истражуваме модели за фер оданочување и социјални придонеси, така што работниците на платформите имаат пристап до истите безбедносни мрежи како и секој друг работник.“

Дурмиши додаде дека дигиталната писменост и унапредувањето на вештините, исто така, претставуваат национален приоритет, особено за ранливите групи кои се изложени на ризик да бидат исклучени во оваа транзиција. Според него, најважно е да се зачуваат основните права на сите работници – вклучувајќи го правото на праведни услови за работа, правото на здружување и правото на колективно преговарање, без оглед на тоа дали работата се извршува на улица, во канцеларија или преку интернет.

„Северна Македонија силно ги поддржува напорите на МОТ за обезбедување меѓународни упатства и стандарди за овие итни прашања. Веруваме дека пристојната работа мора да биде основа на секоја иднина на работата – без разлика дали е физичка или дигитална. Затоа, да работиме заедно за да се осигураме дека ниеден работник не е невидлив, ниедна работа не е без достоинство и ниедна иднина не се гради без правда“, заклучи министерот Дурмиши.

мч/аа/фото: Министерство за економија и труд.
Извор: МИА