Почетна ЕкономијаДР Конго се надева на договор со САД за ретки минерали

ДР Конго се надева на договор со САД за ретки минерали

од nenad
1 минути читај за

Министерот за рударство на Демократска Република Конго, Кизито Пакабомба, во изјава за „Фајненшл тајмс“ посочи дека договорот за ретки минерали, кој се подготвува со Соединетите Американски Држави, ќе помогне во „диверзификацијата на партнерствата“ и ќе ја редуцира зависноста на државата од Кина во експлоатацијата на нејзиното огромно рудно богатство.

Според информациите, конгоанските власти се надеваат дека ќе постигнат спогодба за ретки минерали со САД веќе следниот месец. Ова доаѓа во период кога САД сакаат да ја повратат својата позиција во рударскиот сектор на Конго, каде што Кина е доминантна сила од 2008 година.

Имено, Пекинг склучи повеќемилијарди долари вреден договор со Киншаса, овозможувајќи им на кинеските компании пристап до рудниците во Конго во замена за градење на инфраструктурни објекти.

Се очекува дека договорот би можел да ги постави темелите за соработка помеѓу Конго и соседните земји, вклучително и Руанда, во сферата на извозот и преработката на метали. Сепак, на Руанда нема да и биде дозволено да учествува во трговијата со минерали во Конго сè додека бунтовниците од Движењето 23 март (М23) не се повлечат од територијата што ја окупираа во јануари.

ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, како и за грабеж долж границата на злато и колтан, кој се користи во изработката на мобилни телефони. Кигали ги демантира двете обвинувања.

Од друга страна, за Руанда, преговорите помеѓу Конго и САД претставуваат шанса за легализирање на пристапот до конгоанските ресурси и привлекување американски инвестиции за проширување на сопствената индустрија за преработка на метали.